Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите, упати честитка до припадниците на ромската заедница во Република Македонија.
Драги сограѓани,
Би сакал најсрдечно да ви го честитам 8 Април, Меѓународниот ден на Ромите. Овој значен празник е можност за прослава на различноста, но и за евалуација на степенот на вклученост на ромската заедница во општествените текови.
Во текот на 25-те години независност, Република Македонија напорно работеше за да ја унапреди социоекономската, политичката, и културната позиција на Ромите во општеството. Благодарение на македонскиот инклузивен демократски модел, Ромите имаат сопствена локална самоуправа и претставници во законодавната и во извршната власт. Ромскиот јазик се предава во училиштата и се слуша на брановите на Македонската радио-телевизија, но и на локалните телевизиски станици. Сепак, свесни сме дека ни претстои уште многу работа. Сè уште постојат стереотипи и предрасуди кои фрлаат сенка на македонскиот модел на соживот. Треба уште многу работа за да ја постигнеме посакуваната цел: еднакви можности и права како предуслов за достоинствен живот за секој припадник на ромската заедница во Република Македонија.
Ромската заедница е нераскинлив дел од македонското мултиетничко, мултијазично и мултирелигиско општество. Вашата традиција и култура, светоглед и филозофија на живеење се вткаени во нашето секојдневие и како такви никој не смее да ги релативизира и минимизира.
Посакувам и понатаму, заедно со другите граѓани на Република Македонија, посветено да продолжите да придонесувате за развојот и за напредокот на нашата заедничка татковина Република Македонија.
Нека ви е честит празникот!“– стои во честитката.