Во Музејот на македонската борба за државност и самостојност денеска официјално започна работниот семинар за обука на тема: Имплементација на УНЕСКО-та конвенција за заштита на нематеријалното културно наследство на човештвото (Париз, 2003) на национално ниво.
Обуката која се одржува од 11 до 15 април, е во организација на Националниот комитет на ИСТМ (Интернационален совет за традиционална музика) на Македонија, во партнерство со Националната Комисија за УНЕСКО за Република Македонија и Регионалниот центар за заштита на нематеријалното културно налседство во југоисточна Европа со центар во Софија (Бугарија), а под покровителство на Министерството за култура на Република Македонија.
Генералниот секретар на Националната комисија на УНЕСКО, Лидија Топузовска, на отворањето на обуката потенцираше дека Република Македонија во 2006 година ја ратификуваше Конвенцијата за зачувување на Нематеријалното културно наследство на човештвото, а во нејзината имплементација се вклучени носителите на нематеријалните добра, локалната самоуправа, државните овластени субјекти за заштита на духовното културно наследство како и невладини организации и поединци. Таа нагласи дека на својата национална листа, Република Македонија до сега има впишано повеќе од 80 нематеријални културни добра, а три се впишани на Репрезентативните листи на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото. Станува збор за “Четрсе – прославување на светите 40 маченици“ , “Копачката“ машко соборно оро од село Драмче, Пијанец и двогласното машко пеење “Гласоечко“.
„Очекуваме наредната година да бидат впишани и мултинационалните апликации „Празнувања поврзани со одбележување на 1 март“ (Мартинките) во која учествуваат покрај нашата земја, Романија, Бугарија и Молдавија и „Пролетни празнувања Хидрелез“ апликација на Република Македонија и Турција“, нагласи Топузовска.
Работниот семинар за обука на тема: Имплементација на УНЕСКО-та конвенција за заштита на нематеријалното културно наследство на човештвото, е наменет за лица кои имаат претходни познавања и искуство од оваа област и соодветно образование, односно: истражувачи, научници, практичари, носители на нематеријалното културно наследство, вработени лица во администрацијата која има ингеренции во процесот на заштита (Министерство за култура, Управа за заштита на културно наследство, Институти, Музеи, Архиви, Локална самоуправа и слично). Секој учесник, по активното учество на семинарот, ќе добие сертификат за реализирана обука за заштита на нематеријалното културно наследство.