ДИК даде амин за избори, Чичаковски и двајцата членови од СДСМ ја напуштиле седницата

Државната изборна комисија со шест гласа „за“ го донесе заклучокот во кој се вели дека избирачкиот список е подготвен за фер и демократски избори, информираат за „Мета“ од ДИК.

Претходно, претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, и двајца членови на ДИК од СДСМ, Виолета Дума и Горан Милев, ја напуштиле седницата и не сакале воопшто да гласаат за оваа точка од дневниот ред.

Вметнување точка на дневниот ред со заклучок за тоа дали се исполнети условите за фер и демократски избори, побарале амбасадорите на САД и на ЕУ, Џес Бејли и Аиво Орав, кои биле на средба со членовите на ДИК.

Расправата поминала во тензична атмосфера, а кога се ставила точката на дневен ред, тројцата членови веднаш ја напуштиле седницата.

Дознаваме дека Чичаковски останува на функцијата претседател на ДИК и ќе продолжи со работата околу прочистувањето на избирачкиот список.

Како што информираат за „Мета“ извори од комисијата, неговото напуштање на седницата било само за таа точка од дневниот ред.

Извор: meta.mk