„Агро бизнис зоната“ ќе се гради по теркот на најсовремените зони во Европа

Агро бизнис зоната ќе се гради по теркот на најсовремените зони во Европа. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски вчера промовираше нов проект за земјоделците наречен Агро бизнис зона Македонија што подразбира интегрирана зона во која на едно место ќе бидат застапени и сконцентрирани складишни центри, трговци и компании, како и други претставници на синџирот за набавка на свежи и преработени земјоделски производи.

Агро бизнис зоната ќе овозможи собирање на свежото земјоделско производство и негова дистрибуција кон крајните потрошувачи, во и надвор од државата. Главните бизнис активности што ќе се нудат во зоната ќе бидат калибрирање, пласирање, пакување и разладување, определување цена на берза, утовар и дистрибуција и купопродажба. Со тоа Македонија ќе добие интегриран систем за пласман на земјоделското производство што ќе го намали бројот на учесниците во синџирот на набавка и ќе овозможи поповолна цена за земјоделските производители, но и механизам за воспоставување фер и амортизација на ценовните шокови во периодот на пазарни вишоци, рече Груевски.

Тој посочи дека од суштинска важност е што на едно место ќе се соберат производителите и откупувачите во поголем број што, како што додаде, ќе го зголеми потенцијалот за постигнување конкурентни пазарни цени што ќе ја сведе на минимум можноста за договарање и рушење на цените.

Предноста на аукцијата е што има можност да влијае на цената на определен производ во насока на заштита на производителите и доколку на аукцијата има поголема понуда во еден ден, а недоволно побарувачи тогаш складирањето на производот може да се продолжи за да не падне цената и да се понуди во некои од следните денови кога е предвидено тргување. На овој начин се овозможува регулација на цените на свежото овошје и зеленчук во текот на сезоната, рече Груевски.

Агро бизис зоната ќе се гради по теркот на најсовремените зони во Европа

Во Белгија постои ваква Агро бизнис зона каде производите се продаваат во продажната соба со часовник. Овој часовник дава различни информации истовремено: за квалитетот, цената, количеството, итн. Секој купувач има електронски систем во кој е приклучен и преку кој учествува во системот на купување, бележејќи ја количината и видот на производ што го купува. Значи ќе може и на лице место и електронски преку интернет да се купува.

Системот функционира преку електронски часовник кој ја дава почетната (највисока цена) и кога одреден купувач сака да купи понуден производ, тој го запира системот на посакуваната цена и информира за количината која сака да ја купи, па купената количина се одзема од вкупно понудената, по што се продолжува со друга лицитација.

Различни податоци ќе бидат прикажани на аукцискиот часовник: името на производот, квалитетот, вкупната понудена количина од тој производ, единечната цена, бројот на купувачи, минималната и максималната количина достапни за купување, бројот на продажни единици по пакување.Часовникот секогаш ротира од највисоката почетна цена кон пониска цена. Продажбата се одвива со намалување на цената.

Во моментот кога брокерот ја заклучил трансакцијата, кај логистичарите (виљушкари) се покажува на екран кој купувач, која количина и класа на производ ја има купено. Робата не мора да биде истовидна, туку за помали купувачи тоа значи на пример по една палета од различен вид на производ (патлиџан, краставица…). Виљушкарот ја презема (комбинираната) стока и ја носи до соодветната утварна рампа за конкретниот купувач. Безжични компјутерски терминали на виљушкарите, што ќе функционираат во рамки на Аукциската куќа, ќе гарантираат дека купените производи се достапни речиси веднаш по продажбата на штандови на секој соодветен купувач. Со овој систем на комуникација, производите можат да бидат испорачани на купувачите брзо и прецизно.

БелОрта е најголемата кооперативна аукција за овошје и зеленчук во Белгија, што настанала со спојување на две аукциски куќи Mechlin и Coöbra Auction Borgloon и претставува европски лидер во оваа област. Сите производи се локално произведени и се достапни свежи за потрошувачите. Како резултат на побарувачката и брзите промени на пазарот, БелОрта воведува амбициозни и креативни иновации во работата.

БелОрта има понуда на најдобрите производи од повеќе од 1.000 локални производители организирани во рамки на еден бренд. Може да се најдат повеќе од 120 видова на овошје, 30 видови на зеленчук и 20 видови на растенија.

Приходите се потпираат исклучиво на трговија со овошје и зеленчук, дополнети со дел од цвеќе, и достигнуваат горни лимити во месеците април, мај, јуни и јули. Годишниот обрт од 238 милиони евра во 2006 година, а во 2013 година достигнал 367 милиони евра.

Зеленото пристаниште во Холандија се карактеризира со следните економски силни страни: Секторот за хортикултура е составен од повеќе од 29.000 компании, производството има вредност од 7,9 милијарди Евра, учествува во вкупното земјоделско производство со 40%, извозната вредност е 15,6 милијарди Евра (5% од вкупиот извоз на Холандија), а увозната вредност на е 8,2 милијарди евра, има позитивен трговски биланс.

Исто така, претставува главен светски извозник на свежи земјоделски производи, поддржува развој, но и добива поддршка од развојот на технологиите и услужните дејности, кои не се директно поврзани со земјоделството, во секторот се вработени повеќе од 400.000 луѓе и дополнителни 200.000 во сектори за поддршка, како што се логистика, синџир на набавки, истражување и образование.

Во Унгарија функционираат неколку центри за продажба на земјоделски производи, како предложеното Зелено пристаниште Македонија. Големопродажниот пазар на Будимпешта е најголем во земјата, каде понудата на производителите на земјоделски производи се сретнува со потрошувачите, во текот на 6 работни денови во неделата. Свежи овошје и зеленчук, печурки, јајца, конзервирани производи и храна се нудат во текот на целата година. Вакви берзи исто така има и во Италија.