Отворен саем на кариера на Универзитетот на Југоисточна Европа

Министерот за образование и наука Пиштар Лутфиу, денеска присуствуваше на отворањето на 11 по ред Саем на криера во организација Центарот за кариера на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово. Лутфиу рече дека на овој Саем на кариера, повеќе од една деценија се среќаваат студенти со своите потенцијални вработувачи, и бизнис заедницата со идните раководители, директори и менаџери во своите компании.

„Убеден сум дека и годинава од контактите кои ќе се остварат на Саемот, ќе произлезат многу понатамошни соработки, вработувања, градење на успешни кариери. Компаниите веќе единаесет години од овој универзитет добиваат високообразован и стручен кадар кој ќе работи на подигнување на квалитетот на работата. А секоја нова генерација студенти, добива можност да се вработи во некои од најдобрите компании во Република Македонија“, рече Лутфиу.

Министерот додаде дека Универзитетот на Југоисточна Европа, нуди образование кое е по светски стандарди и дека затоа и најуспешните компании тука бараат кадар, за кој знаат дека веднаш може да се вклучи во нивната работа.