„…Пејте Лазарки по куќите,
по куќите Вевчански полни, рамни,
овде јунак Лазаре за женен,
овде мома Лазаре за можен,
овде дете Лазаре за керштен…“
„Утре на Лазарева сабота, Вевчанските Лазарки после 65 години повторно низ Вевчани од срце ќе ги запеат Лазарските песни со желби за здравје, радост, бериќет, слога и љубов за сите, најавувајќи го доаѓањето на Христовото Воскресение – ВЕЛИГДЕН“– изјавуваат од КУД,,Дримкол,, – Вевчани.
Лазарките поделени во две тајфи, Горнамалски и Долнамалски предводени од завељвачите и буљумбашите ќе го започнат обичајот во 08.30 часот од соборниот храм „Св.Никола“ – Горна Церков и низ средсело ќе тргнат за Горна мала и Долна мала, низ главните улици со застој за песна во секоја малска улица.
„Да се обнови една народна традиција која последно е забележана 1951 година и не е така лесна работа, не посебно денеска во време – невреме, но, наше е да се обидеме само колку да останеме верни чувари на Вевчанската култура и традиција и секогаш давајќи скромен допринос за колективното добро во населбата“ – изјавуваат организаторите.
КУД „Дримкол“ – Вевчани во своето досегашно постоење, реализирајќи големи и сериозни проекти од областа на народната култура се докажа како сериозен субјект во Р.Македонија во областа на зачувување на народната култура и традиција и нејзина промоција и презентација низ светот.