Со песните на Тоше Проески и со спомените за нашата и балканска голема музичка легенда денеска во „Спомен куќата на Тодор Проески“ на Гумење во Крушево беше одбележана пет годишнината откако е отворено ова архитектонско здание.
На пригодната свеченост присуствуваа посетители, почитувачи на делото и ликот на Тоше Проески, крушевчани, еминантни музички уметници, ученици, поети, музичари како и министерката за култура Елизабета Канческа Милеска која претходно го посети гробот наТоше на Гумење.
За посетителите спомен-куќата го одразува духот и делото на Тоше, неговата хуманост, енергија, несебичност и музички талент. Според директорката на Спомен куќата, Елена Мирческа, музејот располага со 350 експонати кои ги виделе преку 250 .000 посетители од земјава и странство.
„Во Спомен куќата, ексклузивно, до октомври ќе може да се слушне новиот сингл од албумот „Сикрет плејс инсајд“, а по октомври и во пошироката јавност,“ вели Мирчевска.
Според Игор Дурловски, директор на „Македонската опера и балет“ во спомен куќата в година ќе биде премиерата на првиот мјузикл „Тајно моја, на 10-годишнината од смртта на Тоше.
„Во февруари наредната година ќе зазвучи мјузиклот „Тајно моја“. Во меѓувреме ќе работиме на проектот каков што го заслужува Тоше Проески. Проектот ќе опфати цел симфониски оркестар, хор и балет, а либретото ќе биде на Огнен Неделковски,“ вели Дурловски.
Андреј Николоски од фондацијата „Тоше Проески“ најавува нови песни на Тоше на англиски за в година.
„Денеска можеме ние од Фондацијата, како партнер на „Спомен куќата“ во зачувување на ликот и делото на Тоше да кажеме дека во наредниот период ќе се работи на подготовка на уште еден англиски албум како подарок за сите фанови на Тоше. Се работи за неколку песни кои се од студиото на англискиот продуцент Енди Рајт кои треба дополнително да се обработат и се надеваме ќе бидат готови наредната година кога се одбележува 10-годишнината од смртта на Тоше“, рече Николоски.
Спомен куќата на Тоше е гест на скромна благодарност од граѓаните за неговото семејство и за сите заложби на Тоше со кои успеа да ја афирмира Македонија со достоинство, љубов и посветеност, нагласи министерката за култура Елизабета Канческа Милеска.
„Од отворањето на 25 април 2011 година голем број посетители од земјава и странство ја посетиле Спомен-куќата која ги отсликува неговите лик и дело, неговите хумани вредности. Во објектот можеме да ја почувствуваме таа позитивна енергија која ја имаше Тоше.
Им благодарам на сите посетители кои таа енергија може да ја почувствуваат, но и љубовта, музиката, сплотеноста што ги носеше Тоше во себе. Во рамките на нашите цели од огромно значење е реализацијата на многу проекти со кои се обединуваат многу млади уметници, меѓу кои се: првата регионална меѓународна работилница која ја водеше продукцијата „Трето уво“, односно школата за гитара која ја водеше Влатко Стефановски, се снимаше и документарен филм за процесот на креирање на уметноста и беше прикажан на интернет страниците.
„Во јуни ќе има втора работилница, и тоа за хармоника која ќе ја води Горан Алачки. Следната година, кога се навршуваат 10 години од смртта на Тоше Проески ќе има низа настани секаде, а голем проект е мјузиклот „Тајно моја“. Затоа заедно ќе продолжиме со многу иницијативи за да дадеме придонес за продолжувањето на делото на Тоше Протоески“, рече Канческа Милеска.
Во рамките на одбележувањето на пет годишнината од „Спомен куќата на Тодор Проески“ со свои творби настапија поети од Крушево, ученици од средното училиште „Наум Наумоски Борче“ од Крушево, а музиката на Тоше ја исполни детскиот хор „Ѕвончиња“од Битола.