Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, денеска, по кој знае кој пат, ја потврди својата хуманост и континуирана грижа за лицата со посебни потреби. Тој беше дел од велигденскиот хуманитарен хепенинг кој во организација на Центарот за помош на лица со интелектуална попреченост „Порака“ и Младинскиот клуб при општинскиот одбор на Црвениот крст се одржа во Струмица и истите ги поддржа со купување на нивни изработки со велигденски мотиви. Но, најголемиот хуманитарен гест, градоначалникот Заев го направи со донирањето на 200 илјади денари, средства од добиена тужба за клевета против него и тоа на центарот „Порака“ и четири дечиња на кои им е потребно лекување.
„Со месеци, а можеби и една година, политичари, квази политичари, бандити и криминалци од секаков вид, ме обвинуваа за поткуп, за шпионажа, за странски служби. Дел од нив одлучив да ги тужам за навреда и за клевета. Три пресуди од нив се добиени, едната е 200 илјади денари, втората 150 и третата 300 илјади денари. Конечна и извршна е првата пресуда и парите ги наплативме преку извршител. Ја користам денеска можноста да испратам порака дека со наплата на овие пари сигурно дека мојата чест и углед нема да бидат возобновени, но мојата душа ќе биде делумно залечена со чинот кој што денеска ќе го направиме, а тоа е после плаќањето на персоналниот данок од десет посто за државата Република Македонија, 60 илјади денари ќе донирам на центарот за помош на лицата со интелектуална попреченост „Порака“ и по 30 илјади денари на четири дечиња од општина Струмица и општина Василево на кои што им треба помош за лечење, а тоа се Македонка Андонова 2,5 – годишно девојче од населеното место Ангелци за блничко испитување во странство, Анѓела Стојанова 7-годишно девојче од Муртино на кое што му се потребни средства за операција, Ѓорѓи Василев 7-годишно момче од истото село на кое му се потребни средства за лечење и Мартина Манушева 11-годишно девојче од исто од Муртино за лекување во Германија. Денеска е Лазарова сабота, доаѓа Велигден, да ја испратиме пораката да помагаме, да го правиме тоа секогаш кога можеме, заради тоа што, ако не друго, барем ќе си залечиме дел од душата, а сите имаме по некоја болка на нашата душа“, рече градоначаликот Заев.