Педесетина деца од детската градинка „Росица“ денеска ја посетија полициската станица за граничен надзор-Охридско езеро. Со активностите на езерската полиција во заштита на државната граница, за безбеден езерски сообраќај и со заштита на рибниот фонд на Охридското Езеро како и за другите мерки и корисни информации поврзани со работата, денеска најмладите ги запозна командирот на полициската станица за граничен надзор-самостоен инспектор Миле Колески.
Командирот заедно со тимот на езерската полиција, на најмладите им покажаа и дел од опремата и материјално-техничките средства што ги користи езерската полиција.
Најмладите, на денешниот едукативен час со виден интерес ги разгледаа полициските чамци и глисери, како и возилата и полициските моторцикли што постојано се користат во секојдневното извршување на останатите работни задачи.
Денешната посета на децата од градинката е планирана активност во рамките на проектот „Мојот пријател полицаец“.