Македонскиот модел на проектот „Од град во село за нов почеток“ споредено со другите држави нуди најмногу бенефиции

Миграцијата село-град е еден глобален феномен со кој се борат многу држави во светот. Сите на различен начин се справуваат, нудејќи различни можности. Но она што се нуди со македонскиот модел на проектот „Од град во село за нов почеток“ кој го најави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, има убедливо најмногу бенефиции и предности.

Со моделот се нуди пакет на мерки и бенефиции кои што ќе се состојат од парични средства за купување, изградба на нова, или реконструкција на стара и веќе постоечка куќа на село во износ до 6 илјади евра, доделување на бесплатно државно земјоделско земјиште за работа, субвенции за набавка на земјоделска механизација од кои 50 % ќе ги покрие државата, еднократна парична помош во рок од 18 месеци потребна за почеток со работа и обезбедување на егзистенција во износ од 15.000 месечно, како и 80 отстотна поддршка за изградба на системи капка по капка доколку се занимава корисникот со обработка на почва и растително производство, или 80 отстотна поддршка за набавка на високо приносен добиток, изградба на бунари како и можност за бесплатни пасишта за оние кои ќе се одлучат за сточарство, и редица други поволности.

„Овој проект предвидува добивање на бенефиции за давање на државно земјоделско земјиште до 3 хектари бесплатно. Секој кој ќе се одлучи да се пресели на село преку оваа мерка доколку се одлучи за обработка на земја и садење растенија ќе добие 3 хектари земја за обработка бесплатно. Доколку корисникот изрази желба за повеќе земја ќе има можности во рамките на постоечките законски решенија, односно огласи кој се под стандардните услови да добие дополнително државно земјоделско земјиште, односно 120 евра од хектар за прва и втора класа земјиште, 90 евра по хектар за трета и четврта класа, 60 евра за 5 и 6 та класа, 30 евра за 7 и 8 класа. Се предвидува и доделување на еднократна месечна субвенција, односно парична помош за почеток за прилагодување кон животот на село во висина од 15000 денари месечно, во тек од 18 месеци или вкупно 270 илјади денари. Ова е особено значајно за стабилизирање на семејството, егзистенција и почетен капитал за поддршка во развојот на бизнис. Ова треба да ја осигура егзистенцијата во периодот додека не стигнат првите приходи од земјоделската дејност“, рече Груевски промовирајќи ја мерката.

Искуствата говорат дека во Србија, поточно во Војводина неколку години по ред се обезбедува годишен фонд, за поддршка на млади брачни парови на возраст од 40 години, за купување на куќа на село. Брачните парови што аплицирале за мерката, се обврзани да живеат 10 години на село и исто толку време не смеат да го отуѓуваат имотот. Друг услов е да немаат други недвижности на свое име, но и пакетот не предвидува давање на земјиште како што е со македонскиот модел. Уште еден услов за брачните парови кои купуваат куќа на село е дека истата не смее да чини повеќе од 12.000 евра. Дополнително, куќата што се купува мора да биде веднаш вселива, односно да биде во добра состојба за живеење. Не се предвидува парична помош секој месец, Додека македонскиот модел од град во село се однесува на градба, реновирање или купување на куќа и има парична помош секој месец. Исто така проектот се спроведува само во Војводина и не важи за целата држава, за разлика од македонскиот.

Во Словенија поддршката на селата оди преку Прграмата за рурален развој во која има мерка за основни услуги и обновување на селата во руралните средини, каде со пари од Европската унија се финансираат самите општини без директни плаќања и субвенции за семејствата. Мерките се финансирање во инфраструктура, што е слично на веќе постоечката програма која има македонската Влада која само за оваа година предвидува износ од 2 милијарди 46 милиони денари или над 33 милиони евра. Овие средства се користат за изградба на различни инфраструктурни проекти што би им помогнале на земјоделците, локални патиштата, водоводи и слични проекти.

Во земјите во Европска Унија во делот од заедничката земјоделска политика на Европската Унија, што се однесува на рурален развој, предвидува мерки за обнова на куќи во рурални средини и овозможува 50% поврат на инвестираните средства. Со таа разлика што овие куќи е предвидено да бидат наменети за туризам, односно за развој на селски туризам.

Во Канада државата обезбедува бесплатна рента на објекти за домување во рурални средини како и кредити со поповолна стапка, САД обезбедува програма за стекнување на дом во рурални средина или за реновирање и обнова на дом. Австралија обезбедува стимулации и дополнителни плаќања за земјоделци кои живеат во рурални средини. Кина – стипендии за студенти кои ќе се вратат и ќе работат во рурална средна.

Заклучокот е дека секоја држава го нуди она што смета дека ќе ги задржи луѓето на село. Шри Ланка – дефинирање на дефицитарни професии во одредени региони и обезбедување на стипендии за студенти кои ќе се запишат на специфичните факултети и ќе се вратат да работат во руралните средини.

Но, македонскиот проект нуди и низа на бенефити кои веќе постојат како помош за земјоделците и се спроведуваат како владини мерки.

„Достапна е помош на млади земјоделци за започнување со земјоделска дејност. Се доделува на секој млад земјоделец кој за прв пат започнува да се занимава со земјоделска дејност. Станува збор за неповратна финансиска поддршка во висина до 600 илјади денари или 10 илјади евра за реализација на инвестициски план на корисникот за период од најмногу 3 години. Право да аплицираат за овој вид на поддршка имаат лица со возраст од 18 до 40 години. Овие пари може да се искористат за дополнителна набавка на добиток, изградба на фарми, приклучна механизација. Исто така достапна е и финансиска поддршка во висина од 50% кофинансирање од вкупната вредност на инвестицијата за подигнување на нови лозови и овошни насади и медоносна флора -фацелија, еводија и багрем на нови површини. Кофинансирањето се зголемува на 55% ако носител е млад земјоделец, на 60% за подрачја со ограничени можности, на 65% ако е млад земјоделец во подрачја со ограничени можности и 75% доколку инвестицијата е во недостапни рурални заедници. Поддршката се доделува врз основа на реализирани инвестиции за набавка на садници, набавка на потпорна конструкција, услуги од трети лица за подготовка на почвата и садење на садниците, во висина до 2,5 милиони денари по корисник. Финансиска поддршка во висина од 50% за набавка на трактори и земјоделска механизација за житни и индустриски култури во висина на поддршката до 3,5 милиони денари по корисник. Кофинансирањето се зголемува на 55% ако носител е млад земјоделец, на 60% за подрачја со ограничени можности, на 65% ако е млад земјоделец во подрачја со ограничени можности и 75% доколку инвестицијата е во недостапни рурални заедници.Финансиска поддршка во висина од 50% кофинансирање од вкупната вредност на инвестицијата за набавка на пчелни матици и опрема во пчеларството. Кофинансирањето се зголемува на 55% ако носител е млад земјоделец, на 60% за подрачја со ограничени можности, на 65% ако е млад земјоделец во подрачја со ограничени можности и 75% доколку инвестицијата е во недостапни рурални заедници. Поддршката се доделува за набавка на пчелни матици, набавка на рамки и сандаци, набавка на опрема за одгледување на пчели, услуги од трети лица за изработка и инсталирање на опремата. Максималната вредност на поддршката е до 600 илјади денари за набавка на пчелни матици и до 800 илјади денари за набавка на опрема во пчеларството. На корисниците ќе им стои на располагање можност за рганизирање во задруги а со тоа и можност за повисоки субвенции од 7 или 15%“, рече Груевски.

Со цел да се одбегнат злоупотреби, ќе бидат формирани и комисии кои ќе вршат надзор на спроведувањето на самиот проект и проверки на терен.

„Наша интенција е да се искористат огромните потенцијали кои што ги нуди македонското село. Целта се селата до 500 жители, односно оние кои што се со помалубројни жители, бидејќи тие се на границата на целосно иселување. Истовремено ова преставува неповторлива можност за оние кои што се преселени и живеат во град, а особено што имаат некакви ресурси во местата од каде потекнуваат, на пример сопствен имот, стара куќа, или пак некаков земјоделски капацитет кој има потенцијал, да биде рестартиран. Ова е шанса и за оние кои се невработени, а живеат во град. Еве шанса преку својот труд, со исклучителна поддршка од државата да дојдат до свој дом, своја работа и бизнис за семејството на село. Државата нуди работа, нуди дом и исклучителни поволности за поддршка на сопствен бизнис на село. Сега зависи само од вас, од храброста, решителноста, но и знаењето и волјата за работа на секој поединец кому му треба поддршка“, порача Груевски.

ropoto-selo