Стапката на економскиот раст зависи од разрешувањето на кризата

Оваа година растот на БДП на Македонија ќе зависи со колкава позитива ќе испорача економијата и од разрешувањето на политичката криза.

Според пролетната прогноза на Брисел, земјава во 2016 и 2017 ќе забележи економски раст од 3,5 проценти и заедно со Ирска, Романија, Малта и со Полска, и во услови на политички турболенции, земјава ќе го има еден од најдобрите пет резултати во Европа, каде просекот е поставен на 1,8 проценти.

Во Извештајот на Европската комисија се вели – „Главни двигатели на растот ќе бидат домашната, јавната потрошувачка и извозот. Сепак, ризиците се зголемени поради продолжувањето на политичката несигурност и пролонгирањето на јавните инфраструктурни проекти“.

Невработеноста ќе продолжи да паѓа и до 23,5% наредната година, како резултат на политиките за отворање нови работни места, поттикот за домашниот приватен сектор и влезот на странските инвеститори според очекувањата на Европската комисија .

Според вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески – „Политиките на Владата и мерките што се преземаат во изминатите години создадоа добра основа за постојан пораст на производството на економијата преку поддршка на домашните фирми, со низа мерки, со најниски даноци во светот, со проектите како „Македонија вработува“, со ослободување на фирмите од плаќање данок од реинвестирана добивка, како и политики во делот на евтините кредити и високите капитални инвестиции. Тука се и странските фирми кои придонесуваат за раст на економијата.

Јавниот долг на Македонија според Европската комисија е се уште далеку под европскиот лимит, но треба да се внимава на одржливоста.

Светска банка: Македонија има најбрз раст во регионот

За разлика од ЕК, Светска банка за Македонија годинава очекува натамошен робустен раст од 3,7 проценти и негово зголемување на 4% во 2017-та.

„Најбрз раст во 2015 година од земјите во регионот бележи Македонија со 3,7 отсто, а по неа е Косово со 3,6 проценти. Растот се пресликува во создавање нови работни места во приватниот сектор, а тоа и ниската инфлација им помага на приходите во домаќинствата и ја намалува сиромаштијата“ – велат од Светска банка.

Најголем ризик е политичката несигурност, за која од Банката велат дека мора да се надмине.

„Пролонгирањето на политичката несигурност би можело да влијае врз одлуките за инвестирање и намалување на економската активност“ – велат банкарите од Вашингтон.

Ваквото мислење го дели и гувернерот на Народната банка на Република Македонија, Димитар Богов.

„Деновиве ММФ излезе со проекција за економскиот раст во оваа година од 3,6 проценти, што потврдува дека и тие гледаат дека македонската економија има здрав потенцијал за економски раст. Но, беше искажана загриженост дека најновите политички случувања и политичката несигурност којашто владее во Македонија може да го загрози овој потенцијален економски раст“, вели Богов.

„Да немаше криза, растот ќе беше 5%“

Да немаше политичка криза во земјава, економскиот раст ќе беше до 5 проценти, вели вицепремиерот Ставрески. Ова, пак, ќе значеше подобар живот за граѓаните.

Политичката криза мора да има завршница. Вистинска штета е што добро поставените економски политики не можат да резултираат со економскиот раст кој Македонија има потенцијал да го оствари. Македонската економија во моментов има потенцијал да расте со стапка од 4 до 5 проценти“, смета Ставрески.

„Сепак, она што повеќе загрижува е одложувањето на решението на политичката криза, кое го прави СДСМ преку бегањето од избори, што земјава може многу да ја чини.

Како и сѐ во животот, ако еднаш се загуби тој имиџ, тешко потоа може да се врати, така и ако се разочараат странските инвеститори од политичкиот амбиент, тешко ќе може после да се вратат во земјава, вели Ставрески и додава дека најмногу страдаат малите фирми кои тешко доаѓаат до финансиски средства.

Бизнисот бара да и се стави крај на кризата

Политичката криза мора да заврши за земјава да влезе во помирни води и да продолжи спроведувањето на проектите, а шанса за тоа да се случи се изборите на 5 јуни, за Македонија да добие стабилна Владата со легитимитет и целосни овластувања.

Ова го бараат и бизнисмените. За стопанствениците е важно да заврши неизвесноста, бидејќи во услови на политичка криза не е можно зголемување на производството, освојување други пазари, преземање развојни или инвестициски активности.

Незивесноста не може да трае до недоглед, треба да има разрешница и да се знае кога таа ќе се случи“, вели извршниот директор на ССК, Митко Алексов.

Изборите на 5 јуни се излез од кризата!

СДСМ бега од изборното соочување, иако опозициската партија добива гаранции дека процесот ќе биде фер и регуларен, а на тоа укажува и засилениот меѓународен мониторинг. За лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, време е да се стави крај на кризата за да се решаваат реалните проблеми на граѓаните.

Јас тврдам дека во една ваква ситуација изборите се излез од кризата, односно се дел од излезот од кризата и тука немам никакви дилеми, а не треба да има и никој друг. Ова е слободна земја и овде народот одлучувал и ќе одлучи кој може да се справи со неговите реални предизвици и секојдневни потреби и проблеми. Кој нуди решенија и кој нуди можности и кој може да помогне да се реализира тоа што на секој најмногу му треба – нови работни места, подобар стандард, повеќе инвестиции во сите области. Тоа е суштината на политиката и тоа е причината зошто некој треба или не треба да добие доверба“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.