Одликувања „Орден за воени заслуги“ и „Медал за храброст“

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денес ги одликува Единицата за специјални задачи и Единицата за брзо распоредување при Министерството за внатрешни работи на Република Македонија со „Орден за воени заслуги”. Претседателот Иванов посмртно со „Медал за храброст” ги одликува осумтемина загинати припадници на безбедносните сили на МВР на 9 мај 2015 година, при антитерористичката операција во Куманово.

Единицата за специјални задачи и Единицата за брзо распоредување при МВР се одликуваат со „Орден за воени заслуги” за особени заслуги и за исклучителен придонес за зачувувањето на суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Република Македонија, како и за зацврстувањето на националната безбедност и сигурноста на македонските граѓани.

Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ посмртно се одликуваат со „Медал за храброст” за покажаната исклучителна храброст и самопрегор во одбрана на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија, загинати како припадници на безбедносните сили на Министерството за внатрешни работи.

„Денеска се собравме за да им се заблагодариме за сето она што го прават за Македонија во овие тешки времиња исполнети со предизвици, закани и ризици.

Во годината кога требаше да славиме четврт век независност, станавме нација заразена со сомнежи. Се шири недоверба во институциите и страв меѓу граѓаните. Македонското општество е поделено по речиси сите основи. Длабоката политичка криза го намали безбедносниот имунитет на Република Македонија. Се соочуваме со постојани и директни закани по националната безбедност и со опасност од загрозување на јавната безбедност. За заканата од илегалната миграција е активиран кризниот менаџмент, а нашите институции функционираат во кризна состојба. Со други зборови, по којзнае кој пат, Македонија се соочува со тегоби и маки.

Во овој период вие минувате низ троен предизвик. Врз вашите плеќи, вие и вашите браќа по оружје од Армијата на Република Македонија, ја носите тежината на мигрантската криза и насилството на границата. Се соочувате со безбедносните закани од тероризмот и од насилниот екстремизам, насилните акти во градовите и последиците од политичката криза.

Распоредени на нашата јужна граница и на подрачјата зафатени со криза, вие, заедно со Армијата, го чувате суверенитетот на Република Македонија и ја штитите Европа од заканата од илегалната миграција.

Имате тешка улога достојна за историјата. Вие сте чувари на портите за влез во Европа. Секојдевно се соочувате со постојани насилни акти и напади, но и организирано насилство од некои мигранти и нивните помагачи. Но, не потклекнавте ниту за миг. Извршувате задачи во сложени услови за работа. Професионално одговарате на предизвиците. Вашиот одговор е препознатлив во Европа. Тој е гаранција за одлучноста на Македонија да го запре протокот на илегалната миграција и да ги намали безбедносните ризици.

Чувајќи го јавниот ред и мир низ нашата татковина, вие спречувате насилно уривање на државните институции, го заштитувате животот, личната сигурност и имотот на граѓаните. Но, и на овој план се соочувате со предизвици.

Знам дека нема ништо потешко од тоа да се биде напаѓан од своите сограѓани, за чиј мир и безбедност го ризикувате животот.

Знам и дека вашите семејства секојдневно со страв ве испраќаат и со солзи ве дочекуваат.

Знам дека вие и вашите најблиски сте изложени на притисок од дел од јавноста.

Знам дека секој од овие предизвици е проверка за вашата издржливост.

Но, во ниту еден момент не се сомневам во вашата висока лојалност кон државата. А, државата се институциите и граѓаните, независно од нивната етничка, јазична, верска, политичка или која било друга припадност.

Вие сте еден од столбовите на нашата држава за заштита на националната безбедност.

Вие сте доказ дека институциите функционираат и професионално и одговорно си ја вршат работата, и тоа во исклучително сложени услови.

Како претседател и врховен командант често се соочувам со тешки одлуки. Но, за мене нема потешка одлука од посмртното одликување на припадници на безбедносните сили.

На 9 мај, на Денот на победата и Денот на Европа, бранејќи го нашето осумзрачно сонце, осум херои ги положија животите.

Тажно е што наместо да им се оддаде должна почит, во јавноста се ширеа разни шпекулации, обвинувања и коментари во кои припадниците на полицијата беа омаловажувани и понижувани.

Но, времето, како и секогаш, е најправеден судија. Се покажа дека осумте херои не ги положија своите животи залудно. Со својата жртва тие спречија дестабилизација на државата и конфликт што можеше да има несогледливи последици за мирот, безбедноста и стабилноста на Република Македонија и поширокиот регион. Беа спречени терористички напади и крвопролевања од големи размери. Без професионалниот ангажман и пожртвуваноста на Единицата за специјални задачи и Единицата за брзо распоредување, постоеше постојана и директна закана во наредните денови по улиците на повеќе градови низ Македонија да се лее крв на невини цивили. Благодарение на храброста и на одлучноста на нашите безбедносни сили беше избегнато светот и Македонија да се ужаснуваат од крвави сцени.

Времето е и најдобар учител. Сите ние треба да ја научиме лекцијата од Куманово што е многу скапо платена. А, тоа е дека поделбите и раздорот нè прават послаби и поранливи. Пожртвуваноста на нашите херои треба да биде предупредување до сите учесници во политичкиот живот на Македонија, но и фактор на обединување.

Крајно време е да го отфрлиме духот на поделбите, нетрпеливоста и омразата кон политичкиот противник и конечно да се помириме и да се сплотиме околу државниот интерес. Оттука, нивната жртва е влог кон иднината и помирувањето на Македонија.

Со овие медали за храброст ние нема да ги вратиме назад.

Нема да ги избришеме солзите на нивните родители, сопруги, деца…

Нема да ја исцелиме болката на нивните пријатели и другари.

Нема да ја вратиме радоста во нивните домови.

Но, со овој чин јасно покажуваме дека Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ не се заборавени. Нивната жртва не беше залудна. Напротив. Тие загинаа за нашите деца да имаат мирен сон, но и за побезбеден живот на нашите сограѓани, а со тоа и за заштита на националната безбедност на Република Македонија.

На почетокот ја спомнав државната химна. Но, покрај државната, има и една друга химна, со различен текст и музика, но со иста порака и суштина. Во неа се вели:

„Македонија земјо моја најмила, секогаш и секаде ние први одиме.
За тебе живот даваме, Македонијо. Секогаш и секаде ние ќе се бориме.”

Верувам дека сите вие многу добро ја знаете оваа химна на Единицата за брзо распоредување. Во неа е врежана цената на слободата што ја живееме. А таа цена секогаш и секаде ја плаќаат храбрите и посветени припадници на безбедносните сили. И кога ја чуваат границата, и кога го обезбедуваат јавниот ред и мир, без разлика дали живееме во период на хармонија или предизвици. Секогаш и секаде, чесно и професионално, тие се борат за Македонија и за македонските граѓани.

Како претседател на Република Македонија и врховен командант, овие медали ги доделувам како израз на благодарност на македонските граѓани кон нивните херои.

Ордените за воени заслуги за Единицата за специјални задачи и за Единицата за брзо распоредување, како и медалите за храброст за осумте херои ги доделувам бидејќи успеаја, и во најтешките моменти за нашата татковина, да го зачуваат јавниот ред и мир и да го одбранат државниот интерес.

Има нешто што на нашите безбедносни сили им дава истрајност во извршувањето на овие ризични, но благородни задачи. А, тоа е нивната верба во иднината на Република Македонија. Тоа е нивната надеж за подобро утре. Тоа е нивната длабока увереност дека со сè што прават, создаваат неопходни услови за благосостојба и напредок на сите македонски граѓани во слободно, демократско и праведно општество.

Затоа, ве повикувам сите, независно дали сте Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци, христијани, муслимани, Евреи, атеисти…, да ги охрабриме и да ги поддржиме во нивната мисија, но и да ја споделиме нивната надеж и верба во Македонија. Верба дека Македонија има сила да ги надмине поделбите и одново да се издигне. Верба дека доаѓа нова генерација млади и посветени луѓе кои ќе работат за подобра иднина во Македонија. Со тоа, во вистинска смисла на зборот, ние ќе ја искажеме нашата благодарност кон хероите на Македонија.“– рече во обраќањето претседателот Иванов.