Дебрца го добива првиот плански уреден простор покрај крајбрежието на Охридското Езеро

Општина Дебрца наскоро ќе добие уреден дел на крајбрежјето на Охридското Езеро, каде што жителите и туристите ќе може да се рекреираат и релаксираат. Ова ќе го овозможи новата пешачка патека која се гради покрај регионалниот пат Охрид-Струга, каде Градоначалникот Трајкоски изврши увид на лице место врз напредокот на градежните активности околу изградбата на пешачката патека. Градежните работи за уредување на патеката започнаа во есенските месеци од минатата година, а според планот за работа истите ќе треба да завршат во наредните неколку недели, односно пред почетокот на претстојната туристичка сезона.

Според проектната документација пешачката патека ќе биде долга 120 метри, а до нејзе ќе се пристапува преку приклучно – исклучна лента на која се обезбедени 10 паркинг места за патнички автомобили, патеката заедно со приклучно-исклучната лента е долга 220 м. Пешачката патека ќе биде изградена од природен камен, ќе биде поставена урбана опрема, односно клупи за седење, корпи за отпад и соодветно осветлување. Патеката по целата должина ќе биде заштитена со каскаден ѕид од габиони – мрежи исполнети со природен камен.

0-pateka objava 3

На новата пешачка патека во иднина е планирано да се организира масовна манифестација по повод верскиот празник Богојавление Водици, со фрлање на светиот крст во водите на Охридското Езеро.

Средствата со вкупен износ од 11.448.360,0 денари, за реализација на пешачката патека се обезбедени од Министерството за транспорт и врски.

0-pateka objava 2