Отворена изложба на унгарски уметници во Охрид

Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески и амбасадорот на Унгарија во Република Македонија , Јозеф Бенце, денеска во ЦК „Григор Прличев “, свечено ја отворија изложбата на ликовни уметници Роми од Унгарија.

Бројните љубители на ликовната уметност ги поздрави градоначалникот Никола Бакрачески кој укажа на важноста од организирањето на вакви настани кои се во насока на зајакнување на пријателските односи помеѓу двете земји, Македонија и Унгарија.

„Ми причинува особена чест и задоволство што денеска сум меѓу Вас, на отворањето на ликовната изложба на доајените на ромската ликовна уметност од Унгарија, која ја организираа Општина Охрид и Амбасадата на Унгарија во Република Македонија. Денешнава изложба нека биде уште еден придонес во збогатувањето на соработката меѓу двете земји, во која посебно место ќе има Охрид. Богатство на колорити и високоталентиран израз, блика од изложените ликовни дела, предизвикува емоции и не потсетува на особеностите на ромската заедница во сите сфери на уметничкиот израз. Изложбата, како што потенцираат критичарите, добива на значење зошто опфаќа автори, со најизразено творештво од 60-те години од минатиот век, време кога добива светски препознатлива форма и креира ликовна култура кај Ромите, по која се водат и денешните генерации.Презентацијата на ликовното творештво на ромските ликовни уметници од Унгарија е само дел од Европската стратешка определба за целосна еманципација на Ромите, процес кој последниве децении се интензивира. Република Македонија, вклучувајќи го и Охрид, со бројни активности перманентно и системски работи на целосна еманципација на ромската етничка заедница и нејзино рамноправно учество во политичкиот и општествемиот живот. Почестени сме што оваа изложба на доајените на ромската ликовна уметност во Унгарија ќе биде дел од богатиот мозаик на културни настани што се одржуваат во Охрид. Уверени сме дека во иднина, заеднички ќе организираме слични настани кои ќе придонесат за јакнење на пријателските врски меѓу државите и граѓаните“- истакна Бакрачески.

izlozba_ungarija_4001

Унгарскиот амбасадор во земјава , Јозеф Бенце изрази задоволство од масовниот одзив на охриѓани на оваа изложба и истакна дека секогаш се чувствува пријатно во посета на убавиот Охрид.

„Посебно ми е драго што оваа изложба ја донесовме во убавиот Охрид кој е под заштита на УНЕСКО. Како амбасадор на Унгарија во Р. Македонија во мојот досегашен пет годишен мандат секогаш чувствувам задоволство кога доаѓам во овој убав град кој покрај тоа што има интересна историја има многу нови драгоцености и културни знаменитости. Тоа значи дека и историјата и сегашноста на Охрид се навистина нешто посебно“, посочи Бенце .

На изложбата што охриѓани имаат можност да ја видат и во наредниве неколку дена поставени се 28 слики од 19 ликовни уметници.

izlozba_ungarija_400