Со тренингот кој со учениците од ракометната паралелка на Спортската академија го одржа тренерот на РК „Вардар“ Раул Гонзалес, завршува проектот „Гости тренери“ за оваа учебна година.
На тренингот присуствуваше и заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски кој истакна дека во рамки на овој проект во изминатите два месеци со учениците работеа еминентни имиња, стручњаци, експерти и тренери во рaкомет, фудбал, кошарка и тенис, меѓу кои и светскиот ракометен стратег Лино Червар, Индира Кастратовиќ, Марин Докузовски, Тодор Гечевски и денешниот гостин Раул Гонзалес.
„Праксата покажа дека е од исклучително значење вклучувањето на вакви високо професионални тренери, затоа што самиот процес на дисциплинирање и работење на сите ученици во делот на редовните тренинзи, како и професионалното спроведување е од огромно значење за висококвалитетно развивање не само од образовен, туку и од професионален спортски аспект, што е и крајна цел на спортската академија“, рече Ристовски.
Тренерот Раул Гонзалес изрази благодарност до академијата за поканата, ја пофали идејата и целиот проект и додаде дека ако сакаме професионални млади играчи кои ќе имаат шанса, треба многу да се тренира со нив.
„Гости тренери“ е проект на Министерството за образование и наука и Спортската академија кој ќе продолжи да се имплементира и во следната учебна година.