АХВ го одбележа почетокот на Регионалната кампања на ОИЕ за подигнување на свеста за одговорното сопствеништво

Со промотивен настан за актуeлизирање на прашањето за одговорно сопствеништво и за правата и обврските на сопствениците на домашни миленици, денес, под мотото “Биди неговиот херој”, пред спомен фонтаната на Тоше Проески на Детската улица во населбата Ново Лисиче, Агенцијата за храна и ветеринарство го одбележи почетокот на регионалната кампања на Светската организација за здравствена заштита на животните – ОИЕ за подигнување на свеста за одговорното сопствеништво и за контролата на бездомните кучиња во балканските земји. За прв пат годинава, Република Македонија е дел од унифицираната кампања на Светската организација за здравствена заштита на животните, во која се вклучени и Србија, Хрватска, Бугарија, Косово, Албанија и Црна Гора.

Почетокот на кампањата, која денес успешно ја спроведе Агенцијата за храна и ветеринарство, на официјалната интернет страница на Светската организација за заштита на животните, денес ја најави и Dr Monique Éloit, генерален директор на ОИЕ. Изјавата може да се погледне на следниот линк http://www.oie.int/en/for-the-media/press-releases/detail/article/new-initiative-of-the-oie-to-control-stray-dog-population/.

Сите љубители на миленици треба да се грижат за своите животни, за нивната благосостојба и да не ги напуштаат зашто на тој начин се зголемува бројот особено на бездомните кучиња кои потоа можат и да им наштетат на луѓето. Најбројните на овој настан – децата се и најголемите љубители на домашни миленичиња.

Токму ним, уште од мали нозе, можеме да им ја пренесеме пораката, да бидат херои на домашните миленици, да ги сакаат и да се грижат за нив во текот на целиот живот, и да бидат одговорни сопственици на своите миленици – рече директорот на Агенцијата м-р Зоран Поповски по отворањето на настанот. 

Кампањата за значењето на одговорното сопствеништво и неговото влијание врз контролата на популацијата бездомни кучиња, е финансирана од Кралското здружение за заштита на животните од суровост од Велика Британија (RSPCA) и се реализира со поддршка од Регионалниот центар за благосостојба на животните од Загреб каде е член и Агенцијата за храна и ветеринарство.

На дечињата од основните училишта и детските градинки кои присуствуваа на настанот, поделен им беше промотивен материјал – постер, боенка за најмладите, брошура за одговорно сопствеништво, а за повозрасните прашалник за потенцијалните одгледувачи на кучиња како и брошура за одговорно сопствеништво. Дечиња и присутните ги забавуваа децата од Детскиот хор Златно славејче и рок бенд.