Двајца охриѓани заработија кривична пријава поради напад врз службено лице

Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „напад врз службено лице при вршење работи од безбедноста“, СВР Охрид поднесе кривична пријава против И.Б. (26) и Р.Ф.(23) двајцата од Охрид.

На 12-ти овој месец околу 19 часот, пријавените физички нападнале шумар-вработен во охридската подружница на Јавното претпријатие „Македонски шуми“ а потоа и припадник на шумската полиција. Настанот се случил кај месноста „Тројанско поле“ во атарот на селото Долно Лакочереј каде шумарот В.Б. вршел контрола за противправна сеча на огревно дрво. Тој се обидел да запре патничко возило „Застава 101“ со охридски регистарски таблици кое било натоварено со огревно дабово дрво а во кое се наоѓале двајцата пријавени. Тие, откако го сопреле возилото, веднаш му се нафрлиле на шумарот нанесувајќи му повеќе удари со раце и ноsе по целото тело, по што со истото возило избегале кон излезот на селото.

По кратко време, нивното возило се обидел да го сопре И.С.- припадник на шумската полиција. Забележувајќи го службено возило на Шумската полиција, двајцата пријавени продолжиле да бегаат по друг пат и по кратко време, немајќи каде понатаму застанале во куќен двор. При излегување од возилото, пријавените се обиделе со моторна пила да го повредат шумскиот полицац по што веднаш избегале од местото на настанот.

По преземени оперативни мерки, СВР Охрид ги пронајде и ги приведе И.Б. и Р.Ф. по што извршен е разговор со нив а во присуство на Јавен обвинител и нивно препознавање од страна на двајцата оштетени.