ВМРО-ДПМНЕ ќе биде единствена партија на гласачкото ливче

Без жрепка, Државната изборна комисија на денешната седница формално утврди дека ВМРО-ДПМНЕ ќе биде единствената партија на гласачкото ливче на предвремените парламентарни избори закажани на 5 јуни.

Листите на НДМ и официјално се отфрлени, бидејќи не се отстранети неправилностите.

На денешната седница ДИК потврди дека СДПМ ги повлече своите кандидатски листи.

По гласањето, реагираа членовите на ДУИ Субхи Јакупи и на СДСМ, Виолета Дума, и Игор Милев.

Според Јакупи, досега во македонскиот плурализам не се случило на избори да биде поднесена само една листа поради што ДИК, на работен состанок, треба да поразговара, дали има уставна поткрепа за вакво нешто.

И Дума нагласи дека ДИК треба да размисли каква ќе биде ситуацијата со оглед дека е утврдена само една листа, додека за Милев, во ваков случај, граѓаните на Македонија практично ќе немаат избор.

На ова, Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека на потврдената листа не се наоѓа само една партија, туку се вкупно 21, а секоја партија и секој граѓанин, нагласи, согласно Уставот, има право самостојно да одлучи дали ќе учествува, односно ќе бира избори.

Бонева забележа и дека ова не е првпат во Македонија да има избори со само една листа.

Инаку, во петокот ДИК испрати писмо до претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, со кое го информираше дека во одредени изборни единици има отстапување за повеќе од 5 отсто според бројот на гласачи.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во петокот поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста на одлуката за распуштање на Собранието.

Од ДУИ побараа Уставниот суд да ја оцени одлуката за распуштање на Собранието како неуставна, за да може тоа повторно да заседава.

Извор: meta.mk