Започна кампањата „Среќни и безбедни матурски вечери“

Во пресрет на матурските прослави, СВР Охрид ја отпочна превентивно- едукативната кампања „Среќни и безбедни матурски вечери“. Претставници од оделението за превенција, пред учениците презентираат низа мерки за безбедност при одржувањето на матурските прослави.

И годинава, полициски службеници ќе се грижат за безбедно и непречено одржување на матурските вечери на целото подрачје што го покрива СВР Охрид. Во таа насока, со планираните безбедносни мерки, покрај учениците, ќе бидат запознаени советодавните групи граѓани, училишните одбори, раководните и стручни служби во училиштата а посебни средби се планирани со агенциите за обезбедување, угостителските објекти и со други и чинители, што е во согласност со концептот за полициско работење во заедницата.

Планираните мерки се преземаат со цел елиминирање на можностите за нарушувања на јавниот ред и мир и појава на други асоцијални однесувања како и спречување на управување на моторни возила под дејство на алкохол или други супстанци.

Низ видео презентации, матурантите се запознаваат со стекнување на правата и законските одговорности, со обврските за почитување на законите за прекршоци против јавниот ред и мир, законот за безбедност на патиштата, кривичниот законик како и со другата законска легислатива во Република Македонија. Пред учениците-матуранти се презентираат и законските обврски на полициските службеници.

СВР Охрид, слични активности ќе презема и за безбедно одвивање и на полуматурските прослави на целото подрачје.