Студенти тутори ќе држат часови на ученици од основните и средните училишта

Министерството за образование и наука интензивно работи на подготовките за имплементација и реализација на нов проект наречен Интерактивен портал за тутори, кој ќе почне да се спроведува од септемрви. Проектот го презентираше заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски, кој потенцираше дека Интерактивен портал за тутори е дел од владината програма за работа до 2018 година, и дека неговата цел е исклучително благородна и ќе обезбеди повеќедимензионален ефект.

„Имено, Интерактивниот портал за тутори е системска платформа која предвидува студенти волонтери на доброволна основа да се пријавуваат и да обезбедуваат бесплатни дополнителни часови по соодветни предмети за учениците од основното образование од шесто до деветто одделение и од средното образование, кои имаат потреба од дополнителна поддршка и помош за одредена материја, односно во одредена образовна област“, рече Ристовски.

Станува збор за проект кој ќе прерасне во база со студенти тутори, од каде преку директно логирање, родителите на учениците кои сметаат дека нивните деца имаат потреба од туторска поддршка, самостојно ќе ги одбираат нивните подучувачи. Студентите тутори ќе можат да се пријавуваат за одржување на часови по одреден предмет или група предмети, но притоа, ќе можат да подучуваат најмногу по четири предмети, односно најмногу четири ученици по еден предмет, додаде Ристовски.

„Важно е да се напомене дека доколку студентите тутори кај најмалку 2 ученика иницираат повисока оценка и резултати по соодветниот предмет во тековната година, споредбено со минатата, ќе добијат дополнителни 10 поени при аплицирањето за студентски стипендии. Така што, освен развојот на способностите за пренесување на знаењето, ова е уште една придобивка којашто дефакто можат да ја материјализираат“, рече Ристовски.

За да стане тутор, студентот мора да исполнува одредени услови. Треба да биде редовен студент, да има просек од минмум осум по предметот или предметите за кои се пријавува да подучува, да има препорака од еден или повеќе професори кои му предаваат соодветен предмет и го предложуваат како студент подобен за тутор.

Ристовски најави дека пријавувањето на студентите, потенцијални тутори ќе се одвива во текот на месец септември. Проверката на нивната документација и директните интервјуа со комисијата ќе се релизриа до средината на октомври. Изборот на тутор од страна на родителите ќе може да се направи до крајот на октомври.