Свечено одбележан Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј

Денес во градскиот парк во Охрид се одржа централната свеченост по повод одбележувањето на 24 Мај, Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј.

Делегации на Општина Охрид, Општинското средно стручно училиште кое го носи нивното име и сите останати воспитно-образовни и други институции, политички партии, здруженија на граѓани и поединци, положија цвеќе и се поклонија пред споменикот на светителите.

Претседателот на Советот на Општина Охрид, Гордана Коњановска, во рамките на свеченоста, им врачи пригодни награди на учениците од основните и средните училишта кои освоиле признанија на државни и меѓународни натпревари. Во културно уметничката програма настапија хорот при СОСУ „Св.Кирил и Методиј“ и ученикот Мартин Милески.

Пред централното одбележување на празникот, во салата на КУД „Ѓердан“ во Кошишта се одржа панахида и свеченост, вчера на 23 мај во Центарот за култура „Григор Прличев“ , СОСУ „Свети Кирил и Методиј“ го одбележа патрониот празник, а во неделата на 22 мај се одржа 8 Меѓународен фолклорен фестивал.