Новинарска екипа од AVE Media од Белград во посета на ОУ „Ванчо Николески“ – Лескоец

Во рамки на Lion Quest програмата „Вештини за адолесценција“, која се спроведува во организација на UNODC (Канцеларијата од обединети нации за превенција од дрога и криминал), денес со ОУ „Ванчо Николески“ во Лескоец престојуваше новинарска екипа од продукциската куќа од AVE Media од Белград, со цел снимање активности и работилница со ученици вклучени во оваа програма. „Вештини за адолесценција“ е програма која од ноември 2015 година се реализира во сите основни училишта во Охрид, со избрана група ученици од предметна настава. Целта е преку интерактивни работилници, прилагодени активности, дискусии и вежби, учениците од тинејџерската возраст да се стекнат со потребните алатки за полесно справување со социјалните, емоционалните и физичките предизвици што ги носи овој период од животот.

DSC02697

„Досегашното искуство од овие работилници ни покажува дека оваа програма е од големо значење, бидејќи на еден многу интересен и добро структуриран начин учениците се стекнуваат со трајни знаења, вештини и способности применливи во секојдневни ситуации. Преку овие работилници младите ја зајакнуваат нивната самодоверба, се стекнуваат со комуникациски вештини, учат како да донесуваат правилни одлуки, како да одолеат на негативни надворешни притисоци за користење тутун, алкохол и дрога, а исто така се здобиваат и со вештини за зајакнување на семејните и пријателските релации. “ – велат едукаторите од училиштето.

Учениците, наставниците и родителите со задоволство ја имаат прифатено оваа програма во ОУ „Ванчо Николески“, а атмосферата, мотивираноста и заинтересираноста на учениците на денешната работилница, беа само уште еден доказ колку ваквите активности се потребни во една училишна средина.

DSC02669

Снимениот материјал од денешните активности во ОУ „Ванчо Николески“ ќе биде искористен за изработка на национален промотивен видео материјал за потребите на оваа програма. Оваа програма засега се спроведува во Р. Србија, Р. Црна Гора, а од оваа година и во 5 градови во Р. Македонија, меѓу кои и Охрид. Програмата „Вештини на адолесценција“ во Р. Македонија е поддржана од Министерството за образование и наука, како и од Локалната самоуправа во Охрид. Во иднина се планира со вакви едукативни работилници да бидат опфатени се’ поголем број ученици на возраст од 11 до 14 години.

DSC02704