„Аустриан ерлајнс“ одбележа 20 години од првиот лет Виена – Скопје

Со церемонијален воден мост за леталото и чоколадни „Моцарт-кугли“ за патниците, „Аустриан“ и „ТАВ“ ги прославија двете децении од 31 март 1996 година, кога авиопревозникот го реализира првиот лет меѓу главните градови на Австрија и на Македонија.

Авиокомпанијата „Аустриан ерлајнс“ и операторот на македонските аеродроми „ТАВ“ денеска на „Александар Велики“ ја одбележаа 20-годишнината од првиот лет Скопје-Виена. Со церемонијален воден мост за леталото и чоколадни „Моцарт-кугли“ за патниците, беа прославени двете децении од 31 март 1996 година, кога авиопревозникот го реализира првиот лет меѓу главните градови на Австрија и на Македонија. Компанијата денес опслужува до два лета дневно меѓу престолнините, кои за патниците од Македонија се порта кон Западна Европа, Северна Америка и Азија.

„Отсекогаш сме имале многу посебна врска со Македонија поврзувајќи го вашиот главен град со нашиот во Австрија, со што обезбедуваме сигурна конекција меѓу двете земји и превезуваме голем број патници меѓу двата града – без оглед дали патуваат за бизнис или за одмор и за рекреација. Во 2015 година со нашите летови превезовме повеќе од 97.000 патници. Околу 200 македонски компании се членки на нашата корпоративна програма што уште еднаш покажува колку нашите летови ги поддржуваат бизнис-релациите со Македонија“ – истакна Александер Толвет, регионален директор на Аустриан ерлајнс.

Изминатите 20 години, „Аустријан ерлајнс“ е сигурен партнер на корисниците кои патуваат за бизнис или за релаксација од и кон Скопје преку виенскиот аеродром. Со своите летови од македонската метропола и со летовите кон останатите дестинации во својата мрежа, компанијата преку виенскиот аеродром нуди идеални врски со околу 130 дестинации во 58 земји во светот.

„Денеска одбележуваме голем јубилеј, 20 години од првиот лет Скопје-Виена. Да се одржи некој лет континуирано толку време и постојано да има голем интерес за него, доволно зборува за неговата атрактивност, но и за квалитетот на услугите што ги нуди компанијата „Аустриан ерлајнс“. „ТАВ“ во оваа компанија гледа сигурен партнер, кој точно, навремено и безбедно ги превезува патниците од Скопје кон европските дестинации. Истовремено, преку виенскиот аеродром им овозможува директна врска и со другите континенти. Искрено се надевам дека ова партнерство ќе трае уште долги години и заедно ќе прославиме уште поголеми јубилеи“ – изјави Зоран Крстевски, генерален директор на „ТАВ МАкедонија“.

Покрај одличните авионски врски, патниците на „Аустриан ерлајнс“ ги уживаат и придобивките од сигурноста на летовите со оваа авиокомпанија: во првиот квартал од 2016 година, превозникот реализира 28.909 летови со 76 авиони, или просечно по 318 летови на ден. Редовноста во реализирањето на летовите изнесува 98.7 проценти, додека точноста на времето на полетување беше 90.5%. Според FlightStats, „Аустриан“ е второрангирана авиокомпанија во светот според навременоста на пристигнувањата, која во март беше 90.3 отсто.

„Многу сме среќни што „Аустриан ерлајнс“ расте и постојано воведува нови дестинации: неодамна ја отворивме линијата до Шангај, од септември ќе почнеме да летаме до Хонг Конг, а со зимскиот распоред на летање ќе воведеме летови и до Хавана. Во моментов ја очекуваме новата флота авиони од производителот „Ембраер“ што гарантира извонредни нови услуги. Дел од нив ќе летаат од и кон Скопје, што е многу добра вест “– вели Толвет.

Благодарение на поволната географска положба на виенскиот аеродром, што се наоѓа во срцето на Европа, тој е идеален центар за превезување патници меѓу истокот и западот со кратко време за трансфер. Виенскиот аеродом е единствен меѓу светските аеродроми кој овозможува време на поврзување помеѓу летовите од само 25 минути, што е од особено значење за патниците кои со летовите на „Аустриан“ продолжуваат кон Европа, Америка и Азија. Во својот „Стар алијанс“ терминал на виенскиот аеродром,„Аустриан“ нуди шест бизнис-салони, каде што патниците можат да уживаат во асортиманот на австриски и други деликатеси.

Со својата работа, „Аустриан“ придонесува и за позитивните резултати во авиосообраќајот во земјава. „ТАВ Македонија“ ја заврши 2015 година со 22 проценти пораст на вкупниот број патници на двата македонски аеродроми – скопскиот „Александар Велики“ и охридскиот „Св. Апостол Павле“, достигнувајќи 1.560.381 патници. Истовремено, вкупниот број на операции порасна 11%, достигнувајќи 15.510.

Трендот на зголемен сообраќај продолжи и годинава. Во првите четири месеци од 2016 преку двата македонски аеродроми се превезени 486.968 патници, што е пораст од 28 отсто споредено со истиот период во 2015 година. Во исто време, бројот на операции (полетувања и слетувања) на двата аеродроми е зголемен за 15 проценти.

Skopski aerodrom 03