Македонската одбојкарска репрезентација која минатата година ја израдува целата македонска јавност со сребрениот медал освоен во финалето на CEV Европската лига тргнува во поход на нови успеси. Нашите репрезентативци веќе се во втората фаза од подготовките за предизвиците, најпрвин натпреварите од овогодинешното издание на Европска лига идниот месец, но и квалификациите за ЕП 2017 од 15 до 25 септември.
Имено, најдобрите македонски одбојкари ќе патуваат за Бугарија каде од 10-ти до 12-ти јуни во Варна ќе го одиграат првиот турнир во групата А, каде се машките сениорски репрезентации на Бугарија, Македонија, Данска и Албанија. Вториот турнир од Европската лига ќе се одржи во Скопје од 16-ти до 18-ти јуни во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток на натпреварите од 17:00 и 19:30 часот. Финалето е закажано за 1-ви и 2-ри јули во Варна, Бугарија каде ќе се пласираат првопласираните екипи од Група А и Б (Естонија, Белорусија, Австрија и Луксумбург), домаќинот и најдобро пласираната 2-ра екипа од двете групи.
„Успешно го завршивме првиот дел од подготовките во Маврово и сега се наоѓаме во Скопје каде ќе се фокусираме на вториот дел со цел што подобро да се подготвиме за натпреварите кои што следуваат. Тренинзите ќе ги извршуваме во модерниот фитнес центар Synergy Fitness & Spa, како и во салата Градски Парк во Скопје. Атмосферата во репрезентацијата е одлична и сите момци се решени да дадат се од себе за во најмала рака да го повторат минатогодишниот успех, а зошто и да се вратиме дома и со злато. Иако од манатогодишниот список недостигаат Зоран Ѓорѓевски и Вук Карановиќ, кои се повлекоа од настапите во „црвено-жолтиот“ дрес, како и оперираниот Филип Маџунков, сепак мислам дека можеме да обезбедиме пласман во финалниот турнир. Во нашата група Бугарија е фаворит, додека против Данска и Албанија мислам дека можеме да издвојуваме победи и со тоа да го обезбедиме учеството на фајнл – форот. Играњето пред домашната публика од 16-ти до 18-ти јуни во Скопје ќе биде уште поголем мотив за успех“, – изјави селекторот на Одбојкарката репрезентација, Жарко Ристоски.
На подготовките селекторот ги повика: Филип Деспотовски, Ѓорѓи Ѓоргиев, Јовица Симовски, Никола Ѓоргиев, Александар Љафтов, Иван Андонов, Стојан Илиев, Филип Николовски, Ѓоко Јосифов, Ристо Клопчески, Дејан Симовски, Славе Наков, Васе Михаилов и Дарко Ангеловски.
„Желбата за успех е тука и репрезентативците се желни да докажат дека минатогодишното освојување на сребрениот медал не беше случајно. Во Маврово селекцијата ги започна подготовките и таму ја вративме физичката форма како и што беше планирано, а до патувањето во Бугарија ќе се воигруваме во Скопје и ќе ја темпираме формата. Се радувам на можноста што вториот дел од турнирот ќе го играме во Скопје во СЦ Борис Трајковски пред нашата публика која се надевам дека од 16-ти до 18-ти јуни ќе дојде во што поголем број и ќе не бодри да успееме во нашата цел, учество на фајнл – форот и шанса за борба за златниот медал,“ – изјави капитенот Никола Ѓорѓиев.
За што подобра подготовка на репрезентативците и шанса за повторување на големиот минатогодишен успех, во четврток, ќе биде потпишан меморандум за соработка на Македонската Одбојкарска Репрезентација и фитнес центарот Synergy Fitness & Spa.
„Денес со гордост Synergy Fitness & Spa го потпишува меморандумот за соработка со Македонската одбојкарска федерација за поддршка на машката сениорската ракометна репрезентација. Минатогодишниот успех со освојувањето на сребрениот медал во Европската лига ја израдува целата нација, па токму поради тоа решивме оваа година да ги поддржиме најдобрите македонски одбојкари во походот кон повторување, како и подобрување на големиот успех. Synergy Fitness & Spa отсекогаш се грижел за спортистите и поради тоа без никакво размислување застануваме зад Македонската одбојкарска федерација и репрезентацијата која своите подготовки може да ги реализира во најдобриот и најмодерниот фитнес центар во Македонија“, изјави главниот менаџер за продажба на Synergy Fitness & Spa, Наде Костадиновски.
По завршување на настапите во Европската Лига, во септември, од 15 до 29-ти, нашите одбојкари ги очекуваат и квалификациите за Европското првенство во Полска, во 2017 година. Противници на двата турнира ќе ни бидат домаќините Чешка и Романија, како и стариот познаник од лани, Естонија.