Индустриското производство во периодот јануари-април 2016 година во однос на истиот период лани е поголемо за 8,7 отсто, соопшти денеска Државниот завод за статистика.
Во април годинава, пак, во споредба со април 2015-та, индустриското производство е поголемо за 3,6 отсто.
Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во април бележи опаѓање од 10,2%, во Преработувачката индустрија има пораст од 9.4%, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пад од 29.5%.
Порастот во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство во одделите – Производство на прехранбени производи, Производство на пијалаци, Производство на облека, Производство на други неметални минерални производи, Производство на машини и уреди, неспомнати на друго место, Производство на електрична опрема и Производство на моторни возила, приколки и полуприколки.
Според главните индустриски групи, производството во април 2016 година во однос на април лани бележи пораст кај Интермедијарни производи, освен енергија за 0.1%, Капитални производи за 36.5% и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 6.1%, додека опаѓање бележи кај Енергија за 28.1% и Трајни производи за широка потрошувачка за 3.8%.