Претседателот Иванов на средба со претставници од Либанско – македонскиот совет на бизнисмени

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими претставниците од Либанско – македонскиот совет на бизнисмени, кои престојуваат во посета на Република Македонија, по повод потпишување на Договорот за соработка со Стопанската комора на Македонија.

На средбата претседателот Иванов го поздрави договорот помеѓу двете институции и изрази поддршка за отпочнатата економска соработка меѓу Република Македонија и Либан.

Во разговорите беа разменети мислења околу можностите за продлабочување на економските односи, при што македонскиот претседател ги истакна севкупните природни капацитети и ресурси со кои располага Република Македонија, како и поволностите за странски инвестиции.

Македонскиот претседател посочи дека воспоставената соработка на либанските бизнисмени со Стопанската комора на Македонија означува позитивен почеток и дава импулс на економските и трговските односи меѓу двете земји и изрази очекување за либански инвестиции во наредниот период.

Либанските бизнисмени истакнаа дека имаат широк спектар на интерес за инвестирање во Република Македонија, со акцент на сферите на здравствениот туризам и образованието. Воедно, бизнисмените се заблагодарија за поддршката од страна на претседателот Иванов и посочија дека воспоставувањето на дипломатски односи меѓу двете земји, како и олеснувањето на визниот режим во голема мера би можеле да ја поттикнат и продлабочат економската и бизнис соработка меѓу двете земји.