Објавен е конкурсот за седмата по ред Меѓународна обука за млади лидери, што под покровителство на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, ќе се одржи од 14 до 26 август во Охрид.
Програмата е наменета за млади луѓе со завршено високо образование кои имаат желба преку нивните лидерски вештини да придонесат за позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат. Како што се наведува во објавениот конкурс, програмата на школата опфаќа предавања и практични вежби за лидерство, со еминентни предавачи од земјава и странство, а наставата се одвива на македонски и на англиски јазик.
На конкурсот, што е отворен до 17 јуни, може да учествуваат сите лица од Република Македонија и наши иселеници што живеат во странство. Условите за конкурирање, предвидуваат апликантите да имаат одлично познавање на англиски јазик, да имаат висок просек (еднаков или поголем од 8,5) на додипломските студии, а работното искуство од една до пет години ќе се смета за предност. Апликацијата, што треба да се достави до Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, треба да содржи биографија, кратко мотивациско писмо, копија од уверение за положени испити, потврда за одлично познавање на англиски јазик и две препораки.
Школата за млади лидери за прв пат беше организирана кон крајот на август 2010 година во Охрид. Во изминатите шест години на неа учествуваа околу 240 млади луѓе со различна академска и професионална определба. Учесниците на досегашните школи се организирани во Алумни асоцијација – ИСЛАА, регистрирана како посебно здружение, кадешто преку организација на семинари, панел дискусии, предавања и учества во младински настани, продолжува развојот на знаењата и вештините на досегашните учесници на школата.