Изложба за Мајка Тереза во септември во Рим по повод нејзината канонизација

Изложба на фотографии и текстови поврзани со животот и делото на големата хуманистка Мајка Тереза, ќе се одржи во септември во Рим, а ќе ја реализираат Министерството за култура и НУ Спомен куќа на Мајка Тереза.

„Низ повеќе од 70 експонати подредени во неколку тематски целини ќе биде прикажано Старо Скопје, детството и младоста на Мајка Тереза поминати во родниот град, преминот од Гонџа во сестра Тереза, мисионерската работа,позначајните награди, нејзината смрт и беатификацијата. Во рамки на изложбата ќе биде прикажан и документарниот филм „Тереза и јас“ во режија на Теона Митевска“, рече на прес-конференција министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.

Посочи дека преку овој проект Република Македонија ќе даде свој искрен придонес кон глобалното одбележување на овој голем историски чин кој ќе го прослават многу земји од светот. Една од заложбите на Владата и Министерствотоза култура, нагласи, е токму оддавањето почит кон личностите кои ја имаат задолжено нашата колективна меморија и во таа смисла, имајќи го предвид наследството кое ни го остави Мајка Тереза, со големо задоволство да потсетам дека изминатите години реализиравме огромен број активности и проекти во нејзина чест.

„Токму изградбата на овој Спомен дом беше наш подарок до светот, влог на граѓаните на нашата држава во промовирањето и афирмирањето на сите добрини, на сите дела кои ни ги даруваше Мајка Тереза. Во последните седум години Спомен домот на Мајка Тереза го посетија преку 600.000 посетители од целиот свет, многубројни туристи, високи државни, црковни и културни делегации од сите страни на светот“, рече Канческа Милевска.

Нивните импресии од посетата на овој храм на милосрдието, потенцира министерката, се забележани во книгата на впечатоци од која би издвоила една размисла која вели „Како во топол дом, како во црква, таква смиреност и убавина блика од овој простор и привлекува повторно да се посети“.

„Спомен куќата на Мајка Тереза во изминатиот период реализираше низа активности и проекти меѓу кои се издавањето Фотомонографијата која претставува траен запис за идејата, архитектонското решение и изградбата на Спомен куќата се до нејзината промоцина пред македонската и светската јавност, потоа голем број изложби, презентации на архивски документи и фотографии, проекции на докуметарни филмови, издавање на јубилејна поштенска марка со ликот на Мајка Тереза, издавањето на книгата за Мајка Тереза – „Чудесни приказни“ од Лео Масбург, сликовницата за деца „Мајка Тереза, приказна за добрината“ итн., истакна Канческа Милевска.

DSC_0227

Ја нагласи и меѓународната активност на институцијата која резултирала со реализацијата на претставата „Светица на темнината“ која беше дел од одбележувањето на Св.Кирил во Рим, потоа изложбата „Мајка Тереза“ од Калкута, Икона на милосрдието“, која беше претставена во базиликата „Св.Антоние Латерански“ во Рим и во КИЦ во Софија, како и соработка со музејски институции од регионот и пошироко.

„Уверена сум дека и во иднина ќе продолжиме со реализацијата на уште многу нови инициативи кои ќе го слават името и делото на Мајка Тереза“, додаде Канческа Милевска.

Директорката на НУ Спомен куќа на Мајка Тереза, Рената Кутера Здравковска истакна дека ќе бидат вклучени во еден историски настан ќе се случи на 4 септември во црквата „Св.Петар“, поточно на плоштадот „Св.Петар“ во Рим, кој во 2003 година беше сведок на чинот на беатификацијата на Мајка Тереза.

„На почетокот на оваа година папата Фрањо потпиша указ со кој нашата сограѓанка, нашата патронка, на 4 септември ќе биде прогласена за единствена досега светица родена во Скопје. Спомен куќата на Мајка Тереза во 2012 година се презентираше во Италија. Од меѓународните презентации би ги издвоила презентација на нашите збирки во КИЦ на РМ во Софија“, рече Кутера Здравковска и потсети на повеќе изложби поставени во Спомен куќата на Мајка Тереза.

Посочи дека пред три дена отвориле изложба во Спомен куќата на Тоше Проески во Крушево.

Спомен куќата на Мајка Тереза, потенцира, постојано трага по нови документи и фотографии кои ја прикажуваат дејноста на Мајка Тереза, за што стапуваат во контакт со познати новински агенции во чии архиви се наоѓаат фотографии од значајни настани од нејзините посети.

„На тој начин, архивот на Спомен куќата е значително збогатен. Тука се и видео записи и филмови…Сега нашата збирка број 14 документарни филмови и за оваа година планираме сите да ги прикажеме за 26 август на годишнината од раѓањето на Мајка Тереза или на 4 септември во рамки на татковинското одбележување на канонизацијата на Мајка Тереза“, рече Кутера Здравковска.

Посочи дека Спомен куќата на Мајка Тереза посветува внимание на лицата со посебни потреби и во тој контекст на почетокот на годинава била подготвена видео презентација за лица со оштетен слух и додаде дека за оваа година им се одобрени средства од Министерството за култура за подготовска на водич со брајово писмо за лица со оштетен вид.

DSC_0263