Од 16ти до 19ти јуни, во организација на Извидничкиот одред „Пионер“ од Охрид, на просторот од Извидничкиот центар Охрид, се одржа третиот по ред извидничко-младински забавен камп насловен како „Camping Fun – Ohrid 2016“ на кој што учествуваа вкупно 135 извидници и младинци од Охрид, Струга, Кичево, Прилеп и Скопје.
Овогодинешниот „Camping Fun – Ohrid 2016“ претставува најголем собир на деца и младинци, пред се извидници од Р.Македонија кој што се организирал во Охрид во изминативе неколку години на отворена сцена под ведро небо на брегот од Охридското Езеро.
Имено, учесниците во периодот од четири дена имаа можност пред се да се запозаат меѓусебно, да соработуваат, да се натпреваруваат и споделат животни искуства собрани од местата на живеење ширум нашата Татковина.
Во претпладневните часови на кампот беа спроведени натпреварувачки дисциплини на вода и копно, учесниците имаа можност да ги покажат своите вештини во пливање, веслање и игри на спретност во полигон на плажа, а додека во попладневните и вечерните часови на отворена сцена преку културно-забавна програма се одиграа неколку театарски претстави, се изведуваа музички точки, се проверуваше стекнатото знаењето преку разни квизови и секако се нижеа незаборавни стихови покрај логорскиот оган.
За најуспешните беа доделени пригодни награди за траен спомен и сеќавање на ова дружење.
Преку овој камп уште еднаш се докажа дека младите сакаат и знаат да се дружат. Извидничкиот одред „Пионер“ како организатор на овој камп веќе трета година по ред успешно ја реализира оваа веќе традиционална активност, овојпат со поддршка и од Општина Охрид со што се потврдува дека Локалната самоуправа ги препознава потребите на младите и се труди да ги поддржи и поттикне во нивните идеи и потреби.