ТАВ го пречека првиот чартер-лет на Томас Кук на охридскиот аеродром

Со традиционална церемонија за пречек, ТАВ Македонија утрово на аеродромот „Св. Апостол Павле“ – Охрид со големо задоволство го поздрави пристигнувањето на првиот чартер-лет од Брисел реализиран преку најголемиот европски тур-оператор Томас Кук. 

Над 120 патници пристигнаа со воздухопловот од типот Ербас А 320 од центарот на Европската Унија, минувајќи низ Тиват во Црна Гора, во рамките на нивното патување во различни земји од Балканот.

Од денеска, 20 јуни, сè до средината на септември, овие чартер-летови ќе оперираат еднаш неделно, во понеделник, со време на пристигнување во Охрид во 8:20 часот претпладне, и време на поаѓање за Брисел во 9:10 часот претпладне.

„Со првиот чартер лет од Брисел што утрово го пречекавме на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, го одбележуваме почетокот на соработката со најголемиот европски тур-оператор Томас Кук, кој е многу популарен меѓу британските патници пред сè, од каде што и потекнува компанијата, како и меѓу сите европски туристи кои масовно ги купуваат нивните туристички пакети и патуваат низ целиот свет. Имајќи го на ум значењето на мрежата на Томас Кук и нивната популарност меѓу британските туристи, како една од туристичките нации кои најмногу се движат, и како туристи кои најчесто ги посетуваат приморските земји од нашето пошироко соседство, ние сме среќни што Одделот за маркетинг при ТАВ Холдингот од Истанбул успеа да ги убеди да го вклучат Охрид во нивните пакети за чартер-летови. Ова ќе резултира со нови групи туристи во Охрид, кои што ќе ја посетуваат Македонија во склоп на пакет-аранжманите за посета на Балканот. Тоа нема да донесе само зголемување на бројот на туристи, туку и нов квалитет и искуство за охридските туристички капацитети и секако зголемен број на патници на аеродромот во Охрид. Сигурни сме дека штом еднаш ќе ја искусат недопрената природа на Охридското езеро, тие ќе сакаат да дојдат повторно, и секако се надеваме дека соработката меѓу ТАВ и Томас Кук ќе прерасне во традиција, како што е случајот и со други туроператори“, изјави Зоран Крстевски, генерален директор на ТАВ Македонија.

Согласно редот на летање, во периодот јуни – септември, аеродромскиот оператор очекува повеќе од 2.300 туристи да го посетат Охрид само преку овие чартер-летови.

Серкан Карахатај, маркетинг-координатор во ТАВ Аеродроми во Истанбул, ја изрази неговата благодарност од добрата соработка со Томас Кук, како и со туристичките власти и професионалци во Македонија, за нивната бескрајна поддршка кон овој проект.

-Кога ќе погледнам наназад во изминатите 3 години, лесно можам да се сетам на првиот разговор за Охрид со Стефан Жоли од Томас Кук – Белгија, на World Route Conference во Лас Вегас во октомври 2013 година. Следејќи ги планираните разговори за нивните постоечки операции во Турција и Тунис, имавме шанса да го презентираме Охрид и неговата понуда за прв пат. Оттогаш, одржавме повеќе состаноци на различни конференции за авијација и туризам. За време на овие долготрајни разговори и заеднички студии, во август 2015 година ги убедивме да го посетат Охрид и да ја доживеат оваа дестинација. Откако се сретнаа со релевантните државни институции, како и со туристичките професионалци, тие конечно одлучија да почнат со летови до Охрид. Силно веруваме дека летовите од Брисел ќе бидат следени со нови летови од други земји каде што Томас Кук оперира, како што се Холандија, Германија, скандинавските земји и Велика Британија, изјави Серкан Карахатај, маркетинг-координатор во ТАВ Аеродроми Истанбул.

Коен Ван ден Бош, портпарол на Томас Кук истакна дека како компанија која е лидер на пазарот треба да бидат остроумни, креативни и иновативни за да можат и понатаму да се развиваат.

„Томас Кук годинава го слави својот 175. роденден. Во текот на овие 175 години Томас Кук секогаш ги става корисниците во своето срце. Ние сме компанија која сака патувања, и со ентузијазам за патувањата секогаш одиме милја повеќе за нашите гости кои се центарот на нашиот бизнис. Денеска во Охрид повторно иновираме со воведување на оваа нова дестинација во нашата понуда. Ново – можеби е погрешен збор за Охрид кое е населен од 6.000-та година пред Христовото доаѓање. Богатата историја, заедно со Охридското езеро, како и националното богатство се вистинскиот белег на оваа дестинација, која што многу убаво се вклопува во нашето портфолио,“ изјави Коен Ван ден Бош, портпарол на Томас Кук.

Минатата недела на охридскиот аеродром новата линија Белград – Охрид – Белград беше воведена, а пред тоа беа воведени чартер-летовите од Тел Авив. Со сите овие нови дестинации, како и со редовните летни чартер-летови од Амстердам, како и трите редовни летови до Лондон, Базел и Цирих, аеродромскиот оператор очекува оживување на „Св. Апостол Павле“, а зголемениот сообраќај ќе придонесе повеќе туристи да го посетат Охрид, но исто така многу жители од охридско-струшкиот регион и пошироката област на југоисточна Македонија ќе имаат можност за летови во странство.

Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид од страна на ACI Europe (Airports Council International – Europe) беше прогласен за втор најбрзорастечки мал аеродром во Европа во првиот квартал од 2016г., со зголемување на бројот на патници за 173.9% во првите три месеци од 2016 г.

ТАВ Македонија ја заврши 2015 г. со 22% пораст на вкупниот број на патници на двата македонски аеродрома – „Александар Велики“ – Скопје и „Св. Апостол Павле“ – Охрид, достигнувајќи 1.560.381 патници. Истовремено, вкупниот бој на операции е зголемен за 11%, достигнувајќи 15.510.

Трендот на зголемен сообраќај продолжува и оваа година. Во првите пет месеци од 2016 г. преку македонските аеродроми биле превезени 648.745 патници, што претставува пораст од 28% споредено со истиот период во 2015 година. Воедно, бројот на операции (слетувања и полетувања) на двата аеродрома е зголемен за 16%.