Општина: Секогаш сме застанувале во заштита на интересите на туристичките работници и охридските станоиздавачи

Во врска со денешната прес-конференција на ОО на СДСМ Охрид, реакција испрати Општина Охрид, во која се вели:

„СДСМ – Охрид, денеска си поплука на самата себе и уште еднаш потврди дека е креатор на штетните политики во градов кои до денес по својот џеб ги чувствуваат сите граѓани на Охрид, а со тоа и станоиздавачите.

ЗАМП е творба на Комунизмот од 1947 година во време на колективизацијата и национализацијта кога комунистите ги колективизирале авторските права. Својата преродба и колективните права ЗАМП ги доживува во времето на СДСМ во 1998 и 2003 година кога таа беше на Власт.

За нечесните и валкани политики на СДСМ- Охрид од кои и денес патат станоиздавачите го цитираме решението кое во тоа време го донела владата на СДСМ во минатото.

„Министерството за култура на РМ со Решение бр. 07-1733/19 од 26.11.1998 год. ( Сл. весник на РМ бр. 78/99), а врз основа на чл.165 од ЗАПСП, на ЗАМП му издаде Решение за Дозвола за колективно остварување на авторското право на несценски музички дела, која ЗАМП со успех ја остварува до денес.Со Решение бр. 17-2045/13 од 12.06.2003 година (Сл.Весник на РМ бр 19/03) Министерството за култура на РМ му издаде на ЗАМП Решение за привремена Дозвола за колективно остварување на кабелско реемитување на авторски музички дела.“

Градоначалникот Никола Бакрачески и општина Охрид не се надлежни институции да ја коментираат работата на ЗАМП, но секогаш сме застанувале во заштита на интересите на туристичките работници и станоиздавачите од Охрид(решавање на проблемот на приватните станоиздавачи во колективни станбени објекти при што со иницијатива на Локалната се измени законот за угостителска дејност со што им се овозможи под еден исти покрив да се издава повеќе од едно решени како и решавање на проблемот на кајчарите за кои со иницијатива на Локалната се овозможи истите да работаат како вршители на туристичка дејност од мал обем).

Како куриозитет ќе напоменеме дека дел од сегашното раководство на ЗАМП се активни или некогашни членови на СДСМ и се појавуваат на нивните протести. Па сега прашуваме: Кој тоа им праќа дополонителни сметки на станоиздавачите во Охрид?

Само во еден дел се согласуваме со пресот на СДСМ – Охрид и ќе ги цитираме:„Нема да има спас за криминална власт ……… секој што го прекршил законот ќе одговара“, но за разлика од нив нашиот стремеж кон овие постулати не е лицемерен и не е селективен. Ги прашуваме од СДСМ – Охрид кога ќе почнат да протестираат во Охрид за справување со финансиските криминали во локаолната власт од нивното осумгодишно владеење. Да сакавте да спречите „финансиски грабеж на голем број охриѓани“ имавте осум години тоа да го направите, а кога веќе не го направивте имавте година и пол за тоа да протестирате. Наместо тоа вие ги ограбивте граѓаните на Охрид за 50 милиони евра- финансиски грабеж невиден во поновата историја на Европа. Очигледно вашите протести во Охрид се начин да го прикриете овој криминал и ништо друго. Граѓаните на Охрид тоа многу добро го знаат и вашите манипулации се само уште едно понижување на нивниот интелект.

За крај, пред наредната јавна бламажа го советуваме младиот Кузески подлабоко да ги анализира гнасните локални политики на СДСМ- Охрид, да истражува и да открива на какви штетни творевини е креатор неговиот локален клуб со цел уште еднаш да не си забива нож на себе си и неговите сопартијци.“– стои во реакцијата.