Во прекрасниот амбиент на Чифте Амамот, синоќа во присуство на голем број посетители и вљубеници на уметноста, свечено беше отворена изложбата „Обичен човек“ на авторот Жарко Башески, во рамките на 37-то издание на културната манифестација „Скопско лето 2016“.
На отворањето на изложбата пред присутните се обрати министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која истакна дека делата на Жарко Башески е автор со исклучително творештво, со голема креативна моќ, автор кој ги надмина границите на нашиот културен простор и со својата уметност направи значителен интернационален пробив во последната деценија.
„Навлегувајќи во аспектите на реалноста на човековиот живот и на неговото битисување во општеството, Башевски низ своите дела жестоко ги анализираше и непосредно ги пренесуваше личните погледи и заклучоци отворајќи ни ја можноста да се себеистражиме, изградиме, поинаку да ја моделираме сопствената перцепција за вистината“, рече Канческа-Милевска.
Таа додаде дека, наскоро творештвото на овој голем уметник кој ја претставуваше Република Македонија и на 54 –тото Меѓународно Биенале во Венеција ќе се изложува заедно со најзначајните уметнички дела од хиперреализмот во светот, остварувањата на познатите Дуан Хенсон, Џорџ Сигал, Рон Мјуик Сем Џинкс, Маурицио Кателан, Марк Квин и тоа во Шпанија, Мексико и во Данска.
Директорката на Националната Галерија на Македонија Дита Старова-Ќерими, ја истакна долгогодишната успешна соработка на Националната галерија на Македонија и Дирекцијата за култура и уметност, која со поддршка на Министерството за култура резултираше со партиципација на Галеријата во рамките на манифестацијата „Скопско лето 2016“, и во етаблирањето, промоцијата и афирмацијата на македонските автори и уметници и нивното творештво.