Отворена изложбата „Кокино тврдина на сонцето“

Кумановската јавност имаше можност да разгледа приближно 150 експонати пронајдени на локалитетот Кокино изложени во витрините во Уметничката галерија на изложбата, насловена „Кокино тврдина на сонцето” што ја отвори министерката за култура Елизабета Канческа –Милевска.

Публиката имаше можност да разгледа керамички садови, камени алатки, примероци од најстарите откриени калапи за леење бронза, култни фигуринки и раритени метални предмети.

Изложбата, рече на отварањето министерката, претставува своевидна археолошка панорама на дел од нашето богато минато и на креативниот континуитет на предците од далечните столетија на нашата историја.

„Оваа изложба е дел од проектот на Владата на Република Македонија и Министерството за култура, „Кокино-македонски бренд“, кој има исклучително значење за Република Македонија, ова е проект со кој настојуваме да ја афирмираме нашата мегалитска опсерваторија Кокино која се наоѓа на високото четврто место на најстарите опсерватории во светот, но и да го промовираме непроценливото археолошко богатство на овој локалитет“, рече министерката Канческа – Милевска.

kokino_5-001

Таа најави дека во рамките на проектот, во наредниот период Министерството планира низа на активности со кои ќе се уреди локалитетот и нагласи дека се предвидени бројни програмски содржини, семинари, работилници, изложби, концерти со кои ќе се збогати понудата на случувања и настани на самиот локалитет.

„Уверена сум дека преку овој проект силно ќе го промовираме Кокино во меѓународен контекст и ќе создадеме услови за негова одржливост што од друга страна ќе има и економски придобивки за Република Македонија“, додаде министерката.

Кокино, рече Канческа Милевска, има исклучително значење и од астрономски и од археолошки аспект, како прво регистрирано планинско светилиште од бронзено доба на територијата на денешна Република Македонија. Нагласи дека последните 15 години на локалитетот Кокино извршени се голем број на археолошки истражување кои резултираа со преку 300 наоди од бронзеното време, уникатни предмети со култен карактер, кои се многу ретки и кои, посочи, говорат дека денешниот северен дел од Македонија, за кој што порано се веруваше дека бил далеку од цивилизациските текови, бил составен дел од т.н. медитеранска култура која се развивала околу Егејот.

„Со особено задоволство ќе истакнам дека дел од формите на садовите, како и нивната декорација, се единствени од ваков вид и нивната уникатност се должи на фактот што се изработени со цел да послужат како дарови за светилиштето кое се наоѓа на врвот од овој локалитет.

Уверена сум дека оваа изложба која пред јавноста за прв пат претставува дел од пронајдените артефакти на Кокино ќе ги збогати научните сознанија за овој наш локалитет, за бронзеното време, за умешноста на нашите предци кои со неверојатна прецизност, во каменот ги длабеле маркерите што со првите сончеви зраци го одбележувале раѓањето на светата врска помеѓу Земјата и Сонцето“, рече министерката за култура.

На отварањето на изложбата зборуваше и директорката на НУ Музеј Куманово, Анита Цветановска која потенцира дека на Кокино, претходно познат како Татиќев Камен се работи 15 години и сега е познат како архео-астрономски локалитет Кокино, кој веќе неколку години е Владин проект, што значи дека постојано се работи на уредување на инфраструктурата околу самиот локалитет и дека со поддршка на Министертвото за култура со години се рабтои на археолошките истражувања и на промоција на локалитетот.

„Секако дека денешните резултати немаше да ги имаме доколку ја немавме континуираната поддршка на Министертвото и на Владата на Република Македонија“, рече Цевтановска.

Таа додаде дека работењето на локалитетот деновиве одбележува 15 години и се заблагодари на арехеологот и поранешен директорна установата Јовица Станковски кој посветено работеше на истражувањата и промоцијата на овој локалитет.

Министерката Канческа – Милевска изрази благодарност до НУ Музеј Куманово за ангажманот за реализација на оваа изложба и за промоција на локалитетот, но и до останатите установи кои се вклучени во проектот „Кокино-македонски културен бренд“.

kokino_3-001