Денес во просториите на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, се оствари средба на Министерот за внатрешни работи на Република Македонија, м-р Митко Чавков со Делегација на Парламентарното собрание на НАТО од Поткомитетот за трансатланска одбрана и безбедносна соработка и од Поткомитетот за демократско владеење.
Министерот за внатрешни работи м-р Чавков имаше можност со делегацијата на Парламентарното собрание на НАТО да разговара и да размени информации во однос на нашите аспирации и напорите за членство во Алијансата, презентирајќи ги притоа последните состојби на интензивната и успешна меѓусебна соработка меѓу министерството и НАТО. Притоа, делегацијата на Парламентарното собрание на НАТО изрази и особен интерес за подобро разбирање на актуелната политичка ситуација и воените и други безбедносни предизвици во земјата и во регионот.
Беше изразена благодарност за се што Министерството за внатрешни работи направи во контекст на бегалската односно мигрантската криза и од нивна страна беше изразена јасна и отворена волја за поддршка во правец на стабилизација и помагање на процесите кои би довеле до членство на Република Македонија во европската заедница.
Делегацијата на Парламентарното собрание на НАТО изрази интерес и во однос на видувањето на Министерот м-р Митко Чавков во поглед на соработката со соседите, пред се со државите-членки на НАТО, при што во однос на истото, Министерот Чавков оцени дека соработката е добра, дека билатералната и мултилатералната соработка остануваат врвен императив и дека сме насочени кон нивно натамошно продлабочување.