Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „фалсификување исправа“, Секторот за гранични работи-регионален центар Запад, поднесе кривична пријава против А.Л. (23) од Елбасан Република Албанија. Него му е одредена мерка притвор.
Пријавениот, на 15-ти јуни оваа година, се обидел, неисправна лична карта да употреби како вистинска и да ја искористи за излез и непречено преминување на државната граница на аеродромот „Св.Апостол Павле“ во Охрид. Настанот се случил во 14 часот и 30 минути кога, пријавениот со авионот на комппанијата Виззер, сакал од Охрид да патува за Лутон–Англија приложувајќи италијански документ-лична карта на име П.В. со рок на важност до 10-ти јуни 2022 година.
При вршење на граничната контрола, кај полициските службеници се јавил сомнеж во валидноста на приложената документација по што се пристапило кон дополнителни проверки. Притоа констатирано е дека италијанската лична карта е од оргинална хартија и ги има сите заштитни знаци, но врз неа механички е делувано на местото каде е поставена фотографијата, забележани се неисправности на печатот на фотографијата, имало замена на одредени бројки на личната карта кои потоа биле потполно неисправно испринтани односно бил користен обичен принтер. При преглед на багажот, пронајдена е албанска патна исправа на име А.Л. со рок на важност до втори септември 2022 година.
За фалсификуваната лична карта, пријавениот платил 800 евра по што истата ја добил за три дена.