Нови 12 дела од македонски автори ќе се преведуваат во странство

Уште 12 дела на македонски автори ќе бидат преведени и објавени од странски издавачи. Ова го одлучи стручната комисија по разгледувањето на 18 апликации пристигнати на Конкурсот на Министерството за култура за финансирање преводи на репрезентативни дела од македонската книжевност од страна на странските издавачки куќи, една од стимулативните мерки предвидени во Националната стратегија за развој на културата за периодот 2013-2017 година.

Резултатите од Конкурсот за финансирање преводи на репрезентативни дела од македонската книжевност од страна на странските издавачки куќи денеска на прес-конференција ги презентираше министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која рече дека за овие три години, откако е објавен првиот конкурс за странските издавачи, обезбедена е поддршка за превод на 90 дела од 53 македонски автори на 21 странски јазик (германски, француски, руски, полски, српски, словачки, словенечки, украински, хрватски, црногорски, албански, бугарски, турски, италијански, ерменски, шпански, дански, амхарски, арапски, англиски и чешки јазик).

„За поддршката на сите преведени дела досега, Министерството за култура издвои 9 667 102 денари, што доволно говори за нашите заложби за што поголема промоција и видливост на македонските автори и нивното творештво во меѓународен контекст“ – посочи Канческа-Милевска.

Таа информираше дека во согласност со поддржаните апликации од страна на Стручната комисија во состав: Нове Цветаноски – претседател и Виолета Димова и Енвер Беќири – членови, Издавачката куќа „Арка“ од Смедерево, Србија, на српски јазик ќе ги објави делата „Одбрани драми“ од Јордан Плевнеш и романот „Проверка на слободата“ од Јован Павловски награден со наградата „Стале Попов“ на ДПМ за 1997 година, а Издавачката куќа „Твердинија“ од Луцк на украински јазик ќе ги објави книгата пиеси „Чалик Чамак“ од Трајче Кацаров и романот „И чоек и пес“ од Владо Димовски.

Форумот за алтернативна култура и образование – ФАЦЕ од Финтис, Словачка, ќе ги издаде поетските книги „Избор поезија“ од Звонко Танески и „Избор поезија“ од Богомил Ѓузел на словачки јазик; Издавачката куќа „ЕРГО“ од Софија ќе го издаде на бугарски јазик првиот роман на Јулијана Величковска „Годишни времиња“, а Издавачката куќа „Изида“ на бугарски ќе го објави романот „Враќањето на козите“ од Луан Старова; Издавачката куќа „Нова поетика“ од Белград на српски јазик ќе ја издаде книгата „Шешири“ од Трајче Кацаров; поетската книга „Кога ни гореше под нозете“ од академик Катица Ќулавкова ќе биде издадена на албански јазик од страна на Издавачката куќа „Албас“ од Тирана; Книжевниот клуб „Брчко Дистрикт Б и Х“ од Брчко на српски јазик ќе го издаде романот „Синот на Кралот“ од Славчо Ковилоски, а романот „Азбука на непослушните“ од Венко Андоновски на руски јазик ќе го објави издавачката куќа „Рудомино“ од Москва.

Министерката Канческа-Милевска потенцираше дека оваа значајна мерка од областа на издавачката дејност досега дала исклучителни резултати и ефекти во афирмацијата на македонските автори и нивните дела во меѓународни рамки. Особено, нагласи таа, е важно дека Конкурсот силно ја трасираше промоцијата на творештвото на етаблираните, но и на младите автори, кои на овој начин добија можност првпат да се презентираат надвор од нашата држава, на еминентните европски книжевни пазари.

Според министерката, овие дела направиле значителен пробив на македонската литература во различни јазични подрачја, тие денеска се достапни на мајчините јазици на околу 1 милијарда и 600 милиони жители, а истовремено во овие дела може да уживаат и над 3 милијарди граѓани во светот кои ги користат јазиците на кои овие вредни книжевни остварувања се преведени.

Таа изрази уверување дека бројот на апликациите за Конкурсот за странски издавачи континуирано ќе се зголемува.

„Ова е навистина еден од најзначајните проекти кои ги спроведовме во изминатиот период и во таа насока Министерството за култура ќе продолжи со поддршката на оваа стимулативна мерка која овозможи ефективна промоција на нашата литература и култура во светот“ – додаде Канческа-Милевска.

Цветаноски рече дека македонската литература сè повеќе ја има во светот благодарение на Конкурсот за странски издавачи. Тој изрази задоволство од безрезервната поддршка што ја дава Министерството за култура за творештвото на македонските писатели.

„По најновите поддржани проекти за превод на други јазици, сакам да искажам два момента: прво странските издавачи се интересираат и за драмското творештво на македонските автори и благодарение на тоа, се надевам дека драмски дела од македонски автори ќе се искачат и на театарската сцена во светот и второ, континуирано се поддржуваат и авторите и од помладите генерации“ – додаде Цветаноски.

Димова истакна дека литературата го има клучното значење за развојот и придобивките што една земја ги има во областа на културата.

„Нема подобро нешто и подобар начин да се промовираат македонската литература, македонскиот јазик и македонската култура со преведување на толку многу странски јазици и фактот дека се знае дека тоа дело му припаѓа на македонски автор“ -рече Димова.

Според авторката Јулијана Величковска, можноста да бидат преведени дела од македонски автори на кој било странски јазик им дава многу повеќе читатели, им дава можност да искомуницираат со друга читателска публика, со друга култура и да се поврзат на некој начин, да видат каде се различни, но во исто време да си ги почитуваат тие разлики.

„Министерството за култура прави обид да бидеме забележани, да станеме граѓани на светот, да го визираме пасошот на македонскиот јазик за секаде“ – истакна авторот Трајче Кацаров.

За авторот Славчо Ковиловски, убаво е чувството кога делото напишано од македонски автор на македонски јазик може да го прочитаат и странските читатели на друг јазик.

„Таа стратегија што ја има Министерството за култура очигледно вродува со плод, малиот македонски пазар да го прошири кон нови читатели, кон нова читателска публика за што македонските автори треба да бидат благодарни“– додаде Ковиловски.

finsirane_proekti_2