Утревечер по 15-ти пат започнува „Канеофест“ 2016

Во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ утревечер, со почеток во 21:00 часот свечено ќе биде отворено петнаесеттото издание на фестивалот „Канеофест 2015“, кој веќе 5 години е во организација и покровителство на Телевизија Морис од Охрид, а со кој ќе започнат и фестивалските денови во Охрид.

„Од 2013 година фестивалот разви две фестивалски вечери, односно дадовме простор и за звуците на новокомпонираните фолк мелодии и токму фолклерите ќе го отворат овогодинешното издание на први јули во НУЦК „Григор Прличев“, со почеток во 21 часот, а фестивалот ќе заврши наредниот ден кога ќе се преслушаат новите композиции во правецот на поп музиката, исто така со почеток во 21 часот. “ – рече на денешната прес-конференција, уметничкиот директор на фестивалот, Кристина Алексиеска.

Композициите како и досега и годинава ќе бидат оценувани според гласовите на публиката и од страна на стручното жири кое ќе биде составено од професори по музика.

KaneoFest2016Press1

Покрај прва, втора, трета награда од публика и прва, втора и трета награда од стручното жири ќе бидат доделени и наградите за најдобар аранжман, за најдобар сценски настап, за најдобар текст, за најдобар дебитант и ГРАН ПРИ на фестивалот кое го доделува организаторот. И оваа година „Канеофест“ ќе произведе над 40 новокомпонирани македонски песни во двете фестивалски вечери што е огромно значење за македонската музика, додавајќи го фактот дека авторските права на сите новоизведени песни и изведувачи се заштитени.“ – додаде Алексиеска.

Двете фестивалски вечери ќе бидат дополнети со богат ревијален дел. Влезниците чинат 50 денари, а можат да се обезбедат пред влезот на ЦК „Григор Прличев“, пред самиот почеток на фестивалот.

„Влезниците всушност претставуваат и гласачко ливче, цената е чисто симболична колку да наметне обврска на гледачот, посетителот.“- рече извршниот директор на фестивалот Јован Трпески.

Организаторите ги покануваат сите оние кои сакаат да уживаат во добра музика и кои што сакаат да се забавуваат да бидат дел од овогодинешното издание на „Канеофест“ 2016.

KaneoFest2016Plakat

WebOhrid