Зајакнати мерки и превентивно делување за заштита на шумите, пасиштата и другите отворени простори од пожари

Зајакнати мерки и превентивно делување за заштита на шумите, пасиштата и другите отворени простори од пожари, е темата на денешниот состанок, што на иницијатива на СВР Охрид, ќе се одржи денес во 11 часот во просториите над противпожарната единица.

Состанокот тематски ќе биде посветен на координирање на повеќе надлежни субјекти за конципирање мерки но и конкретни оперативни планови од превентивен но и од репресивен карактер за заштита на шумите, пасиштата и другите отворени простори од пожари . Мерките имаат за цел поголема контрола, превентива и заштита на шумите од пожар, поактивно следење на состојбите во шумските појаси, заштита, навремено забележување и информирање за настанат пожар до сите останати релевантни субјекти за координирано преземање на натамошни активности и навремено локализирање на пожарот.

На средбата, покрај претставниците на Секторот за внатрешни работи Охрид, ќе учествуваат и претставници од територијалната против-пожарна единица, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, ЈП „Македонски Шуми“, Националниот парк „Галичица“, шумската и граничната полиција, претставници на урбани заедници и други субјекти и институции.