Верниците масовно се упатуваат во манастирот Св. Наум

Од вчера попладне река верници се упатуваат во манастирот Св.Наум, палат свеќи, се молат за здравје и среќа и се поклонуваат пред моштите на големиот светец. 

По повод празникот посветен на Преподобен Наум Охридски Чудотворец во манастирот Св.Наум синоќа се служеше празнична вечерна богослужба. 

Денес, со почеток во 9:00 часот ќе се служи света архиерејска литургија, на која ќе чиноначалствува Неговото високопреосвештенство Митрополитот Дебарско – кичевски г.Тимотеј.

Како и секоја година, за празникот Свети Наум, во рамките на манастирскиот комплекс не изостана и панаѓурот со тезги каде можеше да се купат сувенири, облека, храна и пијалоци.

Манастирот „Св. Наум“ е изграден на висока карпа, над самото Охридско Езеро, на неговата најјужна точка, во една месност со ретка природна убавина. Подигнувањето на овој манастир е поврзано со името на Наум, Климентовиот соработник. Св. Наум, пред крајот на својот живот, го основал манастирот Св. Архангел и во 910 година бил погребан во него. Околу манастирот има повеќе други црквички, како: Света Петка, Свети Атанасиј, Агијазмо и др.

За многу години!

WebOhrid