Ансамблот „Танец“, кој повеќе од шест децении е симбол на македонскиот фолклор, традиција и култура, го заврши првиот дел од балканската турнеја која се реализира со поддршка од Министерството за култура. По повеќе години, со особен успех и пред многубројна публика, „Танец“ одржа целовечерени концерти во Бар и во Тиват, Црна Гора, од каде што ја започна својата турнеја.
Настапите продолжија во Федерацијата на Босна и Херцеговина каде што „Танец“ беше почесен гостин на фестивалот ЦИОФФ во Купрес. По повеќе од 20 години, „Танец“ имаше настапи во: Мостар, Сараево, Стрљаница и Читлук – Вионица. По прекрасното претставување на македонската култура и традиција, „Танец“ се враќа да го отвори јубилејниот 55-ти Балкански фестивал на песни и игри во Охрид.
По кратка пауза, ќе продолжи вториот дел од турнејата при што на 27 јули „Танец“ ќе го затвори култното Бродско лето 2016 во Славонски Брод, Република Хрватска, и ќе одржи уште два концерта на меѓународниот фестивал „Глумци“ во Загвозд како почесен гостин. На трети август за првпат „Танец“ ќе одржи целовечерен концерт во Рожаје, Република Црна Гора, каде што со нетрпение се очекува настапот на овој реномиран ансамбл.
Во својата културна мисија низ децениите, овој колектив, кој го носи епитетот најстар и единствен државен ансамбл од ваков вид, прерасна во достоен репрезент на она најубавото, непроценливото македонско фолклорно богатство и творештво кое го потврдува идентитетот на македонскиот народ, за што сведочат и многубројните награди и признанија, но и настапи на сите континенти.