Екстерното излегува од сведителството и ќе почнува од шесто одделение

Резултатите од екстерното тестирање нема да влегуваат во конечниот успех на ученикот, односно нема да влијаат врз просекот на успехот и на оценките во сведителствата, предвидуваат измените на Законот за основно и за средно образование, кои се во собраниска процедура. Ќе се воведе додаток во сведителството во кој ќе се наоѓаат резултатите од екстерното тестирање, а не како што беше досега, резултатите од екстерното тестирање да се во рамките на сведителството.

Драган Данев, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, вели дека со овие измени се решаваат недоразбирањата што настанаа во јавноста околу оценката „недоволен“ во свидетелството, која претходно влијаеше во општиот успех на ученикот.

„Дополнително, резултатите од екстерното тестирање во средното образование, иако нема да влегуваат во општиот успех на ученикот, сепак ќе влијаат при упис на ученикот на факултет, односно резултатите од екстерното тестирање во основното образование ќе влијаат при упис на ученикот во средно образование“ – рече Данев.

Втора клучна измена во Законот за основно образование е промената на почнување на процесот на екстерно тестирање, односно наместо екстерното тестирање да почне од четврто одделение, како што беше досега, ќе почне да се применува од шесто одделение.

„Уште една новина што се воведува е тоа што со новите измени и дополнувања на овие два закона, ќе се овозможи на Државниот испитен центар да воведе апликација со пробни тестови на кои учениците ќе можат да вежбаат и да се подготвуваат за екстерното тестирање што ќе им следува, а што, впрочем, ќе значи олеснување и приближување на учениците кон самиот процес на тестирање “ – рече Данев.

Тој објасни дека заради надминување на досегашните пропусти во процесот на екстерното тестирање на учениците, со овие измени ќе се овозможи и дополнително уредување на процесот на екстерното тестирање, односно преку годишна ревизија и ажурирање на базите на дадените прашања ќе се подобри квалитетот на прашањата и системот на екстерно тестирање на учениците во целост.

Овие измени, исто така, предвидуваат и парични награди во износ од 50, 40 и од 30 проценти од просечната нето-плата во Република Македонија, што ќе ги доделува Министерството за образование и наука и тоа: 50 отсто од просечната нето-плата за освоено прво место на меѓународен натпревар од областа на математиката и на природните науки за ученикот и за наставникот што го подготвувал ученикот за натпреварот; 40 проценти од просечната нето-плата за освоено второ место на меѓународен натпревар од областа на математиката и на природните науки за ученикот и за наставникот што го подготвувал ученикот за натпреварот; 30 отсто од просечната нето-плата за освоено трето место на меѓународен натпревар од областа на математиката и на природните науки за ученикот и за наставникот што го подготвувал ученикот за натпреварот.

Извор: meta.mk