Република Македонија е силно посветена на евроатлантските интеграции, а за тоа има несомнена поддршка од земјите-членки на Алијансата, особено Соединетите Американски Држави, заклучија на денешната средба во Министерството, министерот за одбрана Зоран Јолевски и Мајкл Карпентер, заменик-помошникот на секретарот за одбрана на САД.
„Нашето место е во НАТО – Алијансата. Тоа го потврдува и целосниот политички консензус, како и високата поддршка од граѓаните на Македонија“, рече министерот на средбата. Тој додаде дека активностите во Министерството, реформите за унапредување на стандардот на припадниците, процесот на модернизација и високата интероперабилност со армиите на земјите-членки на НАТО, покажуваат дека Македонија не застанува и продолжува да биде подготвена за следниот чекор – членството во Алијансата. Сето она што го правимеѐ“, додаде Јолевски, е добро за членството во НАТО, но е особено важно и за нас самите, нашата подготвеност да бидеме гарант на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија.
Министерот Јолевски истакна и дека се прават напори за унапредување на образованието и обуката на припадниците на АРМ, додека паралелно силно се вложува во модернизацијата на Армијата, процес кој е во напредна фаза и кој е планиран согласно сите НАТО стандарди.
Заменик-помошникот на секретарот за одбрана, Карпентер се заблагодари на Македонија и нејзината Армија за одличните резултати и покажаните способности во мировните мисии, особено „Одлучна поддршка“ во Авганистан. Карпентер ја потвори поддршката на САД за членство на Македонија во НАТО и изрази надеж дека тоа ќе се оствари час поскоро. „Вие сте посакуван партнер, во мировни мисии, вежби и обуки. Ние ги знаеме вашите капацитети и немаме сомнеж дека ќе бидете дел од Северноатлантската алијанса“, додаде тој.
Во рамките на посетата на Македонија, заменик-помошникот Карпентер оствари посета и на Здружената оперативна команда, односно 1. Механизирана пешадиска бригада каде се запозна со активностите на јужната граница поврзани со мигрантската криза, а ги посети и капацитетите на Центарот за обука на пилоти, единствен според понудата во Југоисточна Европа.