Претседателот Иванов ги прими уметниците што ќе го отворат „Охридско лето“

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во „Вила Билјана” во Охрид ги прими оперската ѕвезда од Латвија Елина Гаранча, светски познат мецосопран и австрискиот диригент, маестро Ион Марин, со чијшто настап утревечер, свечено ќе биде отворено годинешното 56. издание на фестивалот „Охридско лето”.

На средбата на којашто присуствуваа и организаторите на фестивалот, претседателот Иванов им‎ посака добредојде на уметниците во Македонија и изрази очекување дека нивната сценска изведба ќе остави особен белег на годинешниот фестивал „Охридско лето”.

Oрганизаторите на фестивалот го информираа претседателот Иванов за програмата и настаните на‎ годинешното издание на „Охридско лето”, подвлекувајќи дека Македонија и Охрид годинава ќе бидат домаќини на околу 800 уметници, изведувачи и автори од 18 земји во светот.

Македонскиот претседател истакна дека‎ фестивалот се вбројува во низата најуспешни настани во Република Македонија, кој овозможува презентирање на најзначајните светски културни достигнувања пред македонската публика, истовремено промовирајќи ја македонската уметност, култура и традиција во светот.

Манифестацијата „Охридско лето” традиционално се одржува под покровителство на Претседателот на Република Македонија. На утрешното отворање на 56. издание на фестивалот, оперската певица Елина Гаранча и маестро Ион Марин, ќе настапат во придружба на оркестарот на Македонската опера и балет.

????????????????????????????????????