Во рамки на програмата на фестивалот „Охридско лето“ вечерва во црквата „Света Софија“ со почеток 21:00 часот ќе се одржи Полска вечер, на која ќе настапат Македонскиот камерен оркестар – Македонски Виртуози заедно со солистите Маријан Собула на пијано и „Глас Дуо“, под диригентската палка на Јацек Рогала од Полска.
На програмата ќе бидат дела на Е. Григ, К. Шимановски, Ј. С. Бах, П. И. Чајковски, А. Дворжак, А. Пјацола, Ф. Шопен, Стинг, А. Сафраниек.
Јацек Рогала е полски диригент кој е заслужен за голем број премиерни изведби и радиоснимки на дела од современите композитори, како и новооткриени дела. Често се појавува како предводник на оркестри на престижни фестивали и манифестации во Полска, но и во други земји во Европа. Неговата концертна дејност се протега и надвор од eвропските граници, и тоа во Канада, Еквадор, Перу и Виетнам.
Составот „Глас дуо“(GlassDuo) го сочинуваат музичарите Ана и Аркадиус Сафраниек. Како што кажува и самиот наслов, овие двајца изведувачи произведуваат звук со помош на чаши коишто опфаќаатцели 5 октави. Досега во својата биографија запишале повеќе успешни настапи со голем број музичари и ансамбли во светот. Покрај останатите дела, „Глас дуо“многу често премиерно изведува дела коишто се напишани специјално за овој состав.
Мариан Собула е еден од најталентираните пијанисти на својата генерација. Неговата активна изведувачка дејност вклучува концерти во повеќе од 30 земји на 5 континенти. Добитник е на повеќе награди на национални и интернационални натпревари. Значајни се и неговите мајсторски курсеви кои ги одржува редовно во повеќе земји во Европа и Азија.