Иванов: Внимателно се следи безбедносната состојба

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, со особено внимание ги следи настаните и развојот на состојбите во пријателска Република Турција.

Македонскиот претседател е во постојан контакт со сите безбедносни институции во Република Македонија, со Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Министерството за надворешни работи и со Армијата на Република Македонија.

Претседателот на Република Македонија и раководителот на кризниот менаџмент постојано се информирани од субјектите кои се задолжени да се справат и да ги превенираат заканите и ризиците.

Кризниот менаџмент на Република Македонија ги следи состојбите во сите држави од регионот кои се соочуваат со безбедносни закани и мигрантската и бегалска криза.

По добивањето на податоците за намерите на вршење на воен пуч во Република Турција, Армијата на Република Македонија презема низа мерки и активности за заштита на државната граница.

Од Кабинетот на претседателот Иванов, информираат дека во моментов се одржува состанок на групата за проценка за анализа на безбедносната состојба.

Република Македонија ja поддржува демократски избраната влада на Република Турција.

Република Турција како земја членка на НАТО и како исклучително значајна држава во соочувањето со глобалните предизвици e голем пријател и стратешки партнер на Република Македонија.

Претседателот Иванов го поддржува нормализирањето на состојбите во Република Турцијa и повикува на почитување на демократските институции и избегнување на секаков вид на насилство и крвопролевање.

Претседателот Иванов смета дека мирот и стабилноста е од клучно значење за секоја од државите во регионот, и во овие моменти е потребна разумност и смиреност.‎ Македонскиот претседател порачува дека политичките цели треба да се постигнуваат единствено со дијалог и во согласност со волјата на граѓаните на избори.