500 грантови за сопствен бизнис преку програмата „Самовработување“

Сертификати за грантови во износ од неповратни 185 илјади денари за развивање сопствен бизнис денеска добија 500 невработени лица кои успешно ги поминаа обуките од програмата „Самовработување“. Грантовите ги доделува Министерството за труд и социјална политика, а партнер во реализација на обуките е Програмата на ОН за развој-УНДП.

Програмата „Самовработување“ се применува од 2007 година и од тогаш преку неа се отворени околу 7.800 мали компании кои почнале со еден вработен, а некои од нив се развиле во стабилни субјекти со пет до 20 вработени. Тоа, според министерот Диме Спасов, е пример како со малку, но со многу труд и посветеност, може да се оствари замислата за сопствен бизнис. Нагласи дека микро и малите компании се значаен дел од македонската економија и двигател во отворањето нови работни места.

„Грантовите за самовработување ги доделуваме неколку години и дава успешни резултати. Досега 7.750 компании се формирани само преку оваа мерка. За оваа година имаме обезбедено 207.800.000 денари за финансиска поддршка за основање 920 мали компании. Денеска ја завршуваме првата фаза од грантирањето за самовработување за 2016 година, со тоа што во текот на овој месец очекуваме да се формираат 500 мали компании со финансиска поддршка од Владата на РМ во износ од 185 илјади денари неповратни средства за набавка на опрема и репроматеријали“, изјави Спасов.

Се очекува годинава само преку оваа мерка да се отворат над илјада работни места, а што е најважно, како што рече, да се помогне во реализацијата на бизнис-идеите на лицата кои во моментов се невработени, а кои поминале квалитетна обука во соработка со УНДП.

По овој, прв циклус, во септември ќе има и втор во оваа година, кој се очекува да заврши на крајот на ноември и да се формираат уште над 400 мали компании, односно повеќе од 900 преку овој проект во 2016 година.

Луиза Винтон, претставник на УНДП за Македонија, изјави дека се горди што веќе девет години се партнери на МТСП во реализацијата на програмата „Самовработување“.

„Горди сме што преку оваа програма успеавме да вклучиме групи кои наидуваат на проблеми за отпочнување сопствен бизнис. Посебно ми е мило што од околу 7.800 мали бизниси кои беа започнати преку оваа програма, една третина се бизниси започнати од жени, а една третина од млади луѓе до 29 години. Особено сме горди што во актуелниот циклус за почнување бизниси успеавме да вклучиме луѓе со попречености. Така што, 81 лице со попречености во моментов ги поминуваат првите фази за започнување сопствен бизнис, “истакна Винтон.

Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски рече дека 73 отсто од над седумте илјади бизниси формирани во изминатите девет години се уште функционираат, вработуваат луѓе и остваруваат приходи.

Треба да се нагласи дека 85 проценти од вкупниот број апликанти се уште се во работен однос – дали во сопствената фирма или се вработени на друго место каде што нашле соодветна работа, а ова искуство им овозможува да се развиваат самите себеси, изјави директорот на Агенцијата. Соопшти дека избраните кандидати чии бизниси се иновативни и економски одржливи на крајот на годинава ќе ги добијат дополнителите средства од 2.000 евра.