Заврши 28та Поетска ноќ во Велестово

Деновите од 15-ти до 18-ти јули се одржа 28-та Поетска ноќ во Велестово. Оваа година првата традиционална поетска ноќ беше посветена на творештвото на поетот Санде Стојчевски, за неговото творештво беседеше проф. Д-р Зоран Анчевски. Беше отворена и ликовна изложба на академскиот сликар Стефан Хаџи Николов, а со мал музички концерт нѐ почести младиот Петар Кочовски.

Втората ноќ беше посветена на ирската современа поезија и во рамки на оваа Поетска ноќ во Велестово беше промовирано најновото издание на ПНВ Публикации, зборникот „Единаесет ирски поети“ Избор од современата ирска поезија, во препев на Јулијана Величковска и Василка Пемова. Четворица од застапените единаесет ирски поети беа гости на манифестацијата, па присутните имаа можност да ја слушнат поезијата на: Били Рамзел, Алва Ни Гиарвуи, Џери Марфи и Патрик Котер.

Во рамки на втората вечер беше промовирано уште едно независно издание, книгата „Сеќавања“ од Климе Дулески, книга приказни што на авторот му ги раскаувале неговите предци за Велестово.

28-та Поетска ноќ во Велестово заврши со поетско пладне во библиотеката „Григор Прличев“ во Охрид, а со свои песни се претставија гостите од Ирска и македонските поети: Лилјана Пандева, Иван Џепароски, Маја Мојсова, Марина Димовска, Зоран Јакимовски, Тоде Илиевски, Димитар Пандев, Снежана Стојчевска, Елизабета Краљевски, Зоран Анчевски, Смиле Наумоски, Стела Маја Босилковска, Пере Ристески и Јулијана Величковска.