„Обојени програм“: Прв пат свириме во Струга, се надеваме на најдоброто

Новосаѓаните „Обојени програм“, кои, за прв пат во своето 30-годишно постоење ќе имаат концерт во Струга, во рамки на фестивалот „ДримON“, соопштуваат дека секогаш кога свират во Македонија ја чувствуваат позитивната атмосфера.

Нивниот концерт е утре, 28 јули, на Летната сцена на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ со почеток од 22 часот, а влезот е бесплатен.

„Ова ќе биде наш прв настап во Струга, па во таа смисла тоа за нас е многу важен и се надевам дека сите заедно ќе имаме убаво дружење“ – изјавува Бранислав Бабиќ – Кебра, пејачот на „Обојени програм“.

Неодамна групата настапи на дојранскиот „Д Фестивал“, а сега се враќаат во земјава со концертот на „ДримON“.

„Запознаени сме со програмата на „ДримON“ и имаме впечаток дека фестивалот е поалтернативен, а со самото тоа, можеби и поинтересен. Музика, театар, филм, изложби, дебати… Ќе видиме како сето тоа функционира, се надеваме на најдоброто“ – вели тој.

Публиката која го следи бендот на настапите во живо забележува дека составот од неодамна свири и две нови песни кои ги нема на нивните албуми. Ги прашавме дали спремаат нов албум.

„Веќе почнавме со работа на нов албум и тоа за нас е секогаш посебно расположение. Моментално се одмараме од работата во студио на тој начин што свириме на концерти и ги проверуваме новите песни. Важно ни е дека бендот е постојано со некакви активности, студио или концерти. Сето тоа нам ни е подеднакво интересно“– рече пејачот .

Го прашуваме дали смета дека живееме во многу страшно време, или пак, новите медиуми направија сите овие настани да изгледаат толку страшни.

„Тешко е да бидеш паметен во вакви, чудни, зезнати времиња. Излезот е во музиката“ – одговара со насмевка.

„Обојени програм“ важат за пионери на српскиот алтернативен звук и се познати по своите интересни надреалистички текстови, заразни мелодии и истрајност на сцената.

По вечерните концерти, фестивалот обезбеди и автобуски превоз од Струга до Охрид, кој е по цена на редовен автобуски билет за оваа релација.

„Све(с)т во транзит на вториот фестивалски ден“

Вториот фестивалски ден започнува во Чил аут зоната, во Паркот на поезијата, точно на пладне со работилница за рачни изработки и за читање. Во 14 часот е уште една работилница, на гостинката од САД Трејси Спарк, која ќе ја претстави „Мојата приказна преку колажи“. Од 17 часот следи стенсил работилница со Марјан Стојаноски, а потоа и диџеј сетот на диџеј Шурбе. Чил аут зоната во 20.30 ќе го претстави и поетскиот перформанс на Андре Лоијенга од Холандија и Дениса Дуран од Романија, додека оваа сцена се затвора со изложбата за реупотреблив дизајн на Медиа арт клубот на МОФ.

Овој фестивалски ден е насловен „Све(с)т во транзит“ и на Летната сцена од 19.30 часот ја носи дебатата со тема културни миграции. Модераторка е професторката Елизабета Шелева, а како панелисти ќе учествуваат Искра Гешовска и Игор Тошевски. Од 21 часот, следи проекција на филмот „Кружниот пат на Марето“ на Жарко Иванов. Изложбата „Вечно враќање“ на Оливер Маринковски е половина час подоцна.

Вечерниот термин, освен за концерт на „Обојени програм“, е резервиран и за „Елвис Присли проџект“, како и за диџеј-сет на Гер Качераја од Албанија.

Четвртото издание на „ДримON“ се одржува од 27 до 31 јули во Струга и е овозможено со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД).