Проекција на филмот „Тетовирање“

Во рамки на програмата на фестивалот Охридско лето вечерва со почеток во 20 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе биде прикажан филмот „Тетовирање“ во продукција на Вардар Филм од Скопје.

Филмот е снимен во 1991 година, во режија на Столе Попов, а во него играат актерите Мето Јовановски, Столе Аранѓеловиќ, Љиљана Меѓеши, Јовица Михајловски, Кирил Поп-Христов, Светозар Цветковиќ, Зоран Цвијановиќ, Александар Чамински, Данчо Чевревски и др.

Дејството на филмот е сместено во летото 1989 година и го следи животот на работникот Илија, кој по низа апсурдни настани, иако потполно невин, завршува во затвор, обвинет за убиство, а подоцна и убиен од еден специјалец.

Илија, кој и инаку, според својот нескротлив темперамент како да е предодреден да биде во конфликт со официјалните сили што го „штитат“ поредокот, комунистичкиот режим во распад и по една караница со сопругата го напушта домот со единственото што го поседува, празниот куфер.

Филмот е добитник на наградите: Гран При 1991 ФФ, Херцег Нови, Прва награда „Златна мимоза“ за режија на Столе Попов 1991 ФФ, Ниш и Втора награда за сценарио на Мирко Ковач 1991 ФФ „Милтон Манаки“, Битола.

TETOVI1P-690x1024