Во рамките на работата и реализацијата на предвидените програмски активности во годишната програма, Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата-Охрид, утре 29 јули (петок) во 11:30 часот, ќе ја реализира едукативно-превентивната акција „Вози одговорно-животот е во твои раце“.
Целта на оваа активност е потсетување на потребата од почитување на сообраќајните правила и прописи за безбедно одвивање на сообраќајот, внимателно управување со патничките и други моторни возила, подигнување на јавната свест за зголемена безбедност во сообраќајот и унапредување на сообраќајната безбедносна култура кај сите учесници во сообраќајот.
Во рамките на досегашната успешна соработка со СВР Охрид, а со цел поуспешна реализација на оваа превентивна акција, потребно е ПС БПС Охрид, да постави сообраќаен пункт кај Подмоље и на автомобилите и другите возила кои се движат од Охрид кон Кичево по магистралниот пат, кои ќе бидат запрени, да им се поделат едукативни наменски флаери со низа практични совети за безбедено возење. Делењето флаери ќе го вршат полицискиот службеник и претставници од Советот. Предвидено е, во акцијата да се вклучи и велосипедската полициска патрола од ПС ОН Охрид, која во истиот временски термин ќе дели флаери на возачите во централното градско подрачје и на плажите.
Едукативно-превентивната акција „Вози одговорно-животот е во твои раце“, ќе се реализира во петок (29 јули) од 11:30 до 12:30 часот на излезот од Охрид, кај селото Подмоље.